Bosch и Continental со по 5% во HERE Technologies
Со стекнување на по 5% од акциите на компанијата, Bosch и Continental станаа нови два индустриски гиганти, кои влегуваат како инвеститори во HERE Technologies специјализирана во дигиталното мапирање и локализирање на услуги
На тој начин се приклучуваат на главните инвеститори и сопственици на компанијата Audi, BMW и Daimler, како и на другите големи инвеститори, Intel и Pioneer. Од HERE Technologies коментираат дека со Continental ќе ги фокусираат своите напори во развој на автономното управување и решенијата за мобилност, додека со Bosch, главниот акцент ќе биде IoT (Internet of Things) и разни нови решенија во областа на автомобилите, транспортот и индустријата.
-Визиите на HERE се обезбедување на автономни технологии за сите, коментира Едвард Овербек, директор на компанијата. -За да се постигне ова, потребни ни се силни партнери кои се надополнуваат еден со друг. За нас е задоволство да прифатиме силен партнер како Bosch, кој има големо искуство како во автомобилската индустрија, така и во IoT секторот. Силното присуство на Bosch во Америка, Азија и Европа ќе понуди атрактивни можности за HERE и понатаму да го прошири својот бизнис на глобално ниво.
-Од друга страна пак дигиталните мапи и локализациските услуги се клучни иновации за иднината на поврзаната мобилност, додава Дегенарт, извршен директор на Continental. -Со користење на HERE технологијата, очекуваме да постигнеме понатамошен успех во мобилноста и автоматизираните решенија за движење.