fbpx

Ботас е првиот пост-корона победник во F1, Норис постави рекорд

Возачот на Mercedes, Валтери Ботас, славеше победа на првата трка во пост-корона ерата во Formula 1, откако успеа да победи на Големата награда на Австрија

Финскиот возач од редовите на Mercedes успеа да дојде до својот осми F1 триумф во кариерата на патеката Red Bull Ring, а зад себе го остави својот тимски колега на Луис Хамилтон, кој на крајот сепак заврши на четвртата позиција поради казна од пет секунди. Така, второто место на подиумот му припадна на Шарл Леклер од Ferrari, додека на третата позиција се најде младиот Британец од McLaren, Ландо Норис, кој успеа да дојде до својот прв подиум во кариерата. Освен тоа, 20-годишниот Норис стана најмладиот Британец со подиум во Formula 1.

Големата награда на Австрија не донесе премногу возбудувања кога станува збор за претекнувањата, но затоа имаше други интересни моменти, со оглед на тоа дека безбедносното возило дури три пати излегуваше на патеката, а беа забележани и девет откажувања. Интересно беше и пред стартот, бидејќи по реакциите на Red Bull, Хамилтон беше поместен на петтото место.

Ботас водеше од почеток до крај и ја контролираше трката, иако Хамилтон постојано му се закануваше и му се доближуваше опасно. Трката беше забавувана во три наврати, а од сето тоа најмногу профитираше Леклер, кој како и целиот тим на Ferrari, се мачеше во текот на целата трка.

Од друга страна, Норис до F1 подиумот дојде по директниот дуел со возачот на Racing Point, Серхио Перес и тимскиот колега Карлос Саинс јуниор. Мексиканецот исто како и Хамилтон беше казнет со пет секунди, но поради пребрзо возење низ питлејнот, па беше поместен на петтата позиција зад Саинс.

Следната трка од годинешниот шампионат во Formula 1 се вози за Големата награда на Штаерска следниот викенд, а исто така ќе се вози на Red Bull Ring во Австрија.

Поврзани вести

Back to top button