Brabham BTR62R – „секојдневен“ тркачки автомобил
Brabham BT62 семејството доби нов член во BT62R, кој се приклучува со Ultimate Track и Competition варијантите
Brabham го модифицираше BT62 тркачкиот автомобил со цел тој да може да се користи на патиштата, а BT62R е финалниот производ. За разлика од неговите „браќа“, „R“ може да се вози легално на патиштата, поради што се очекува интересот да биде уште поголем. Според производителот, автомобилот е речиси способен како и тркачката верзија, но сега може да се користи секојдневно.
Купувачите својот Brabham BT62R можат да го добијат во Signature Series „униформа“ или во Celebration Series, во чест на Formula 1 успесите на Brabham. Меѓу карактеристиките на оваа „цивилна“ верзија е и варијабилната висина за возење во различни услови, нов издувен систем за помала бучава во кабината, клима-уред, заштитно предно стакло со греење, опционален аудио-систем, нов преден сплитер и заден дифузер, нов дизајн на седиштата и „патнички“ гуми.
Доколку купувачите се одлучат за Celebration Series моделот, тогаш ќе добијат и лого и беџови со 18-каратно злато, специјален карбон ентериер и ексклузивен Track Pack кој вклучува заден голем спојлер, сплитер и дифузер.
На крајот, тука е и 5,4-литарскиот мотор, кој Brabham вели дека е најмоќниот атмосферски V8 агрегат на пазарот. Истиот произведува 710 КС и 667 Nm максимален вртежен момент, а моќноста се пренесува преку шестстепен секвенцијален менувач.
За да стане легален за патиштата, Brabham BT62R мораше да добие систем за заклучување на вратите, сите светлечки единици, ретровизори и разни други додатоци, како и дигитална централна конзола.
Првиот Brabham BT62R се очекува да биде испорачан во престојните недели.