Brabus 900 Rocket Edition е најбрзиот SUV на светот
Тјунинг компанијата Brabus го претстави својот најнов проект наречен 900 Rocket Edition и ја носи титулата на најбрзиот SUV на светот
За време на годинешното издание на Monaco Yacht Show, компанијата Brabus го претстави својот 900 Rocket Edition за кој вели дека е „најбрзиот SUV на светот кој е легален на улиците“, кој достигнува максимална брзина од 330 километри на час. Brabus ќе направи само 25 примероци од 900 Rocket Edition кој е базиран на Mercedes GLE Coupe, а цените ќе стартуваат од 381.243 евра.
Почнувајќи од моторот, битурбо V8 единицата сега има поголема запремнина која изнесува 4.407 цм3. Модификациите вклучуваат нови турбо полначи, поголеми ковани клипови, подолги клипни прачки, нова радилица, пумпи за висок притисок, поголем даунпајп и голем број на софтверски унапредувања. Благодарение на ова, агрегатот испорачува импресивни 900 КС и максимални 1.250 Nm, иако оваа бројка е ограничена на 1.050 Nm максимален вртежен момент со цел да се заштити погонот. Моќноста се испраќа на сите четири тркала преку 4Matic+ системот преку деветстепен автоматски менувач.
Спринтот од нула до „стотка“ се стигнува за 3,2 секунди, според Brabus. Ако ова се искомбинира со максималната брзина од 330 километри на час, тогаш новиот 900 Rocket Edition, барем на хартија, е значително побрз од моделите како Bentley Bentayga Speed, Lamborghini Urus, Porsche Cayenne Turbo GT и било кој друг перформансен SUV достапен на пазарот.
Модификации и на екстериерот
Со цел да се достигне ова, потребно автомобилот да биде опремен и со 23-инчните Brabus Monoblock Y Platinum Edition тркала, кои се обложени во Continental пневматици, а не со 24-инчните Brabus Monoblock Z Platinum Edition кои се прикажани на фотографиите.
Brabus исто така додаде и сопствено контролен модул во воздушниот систем на потпирање, спуштајќи го автомобилот за 25 милиметри. За сопирањето се задолжени вентилирачките и карбон-керамички диск кочници со димензии од 400 милиметри напред и 360 милиметри назад.
Кога станува збор за дизајнот, Brabus 900 Rocket Edition се одликува со компоненти од откриен карбон, вклучително нова решетка, преден сплитер, екстензии на крилата, троделен заден сполер, дифузер и дополнителен трим за отворите за воздух. Издувниот систем од нерѓосувачки челик има четири титаниумски/карбонски издувни цевки со активно менаџирање на звукот.
Во внатрешноста Brabus го опреми овој SUV со фин кожен тапацир кој може да се добие во било која боја во комбинација со Алкантара, племенито дрво и карбон.