Њујорк 2018: Bugatti Chiron Sport во „Големото јаболко“!
Францускиот бренд Bugatti, контролиран од германскиот производител на автомобили VW, ќе ја претстави новата верзија на Bugatti Chiron, која доби наставка во името - Sport, на салонот за автомобили во Њујорк
Во Женева претходно овој месец се одржа европското деби на премиум возилото, но во „Големото јаболко“ пристигнува континенталната изведба на моделот. Таа е со одредени модификации, согласно стандардите од преку Океанот. Според официјалните информации од компанијата, за американскиот пазар цената на Bugatti Chiron Sport ќе изнесува 3,26 милиони долари.
Bugatti Chiron Sport
Спортската модификација на моделот за оваа цел е опремена со специфична шасија. За пожестока интерпретација на најексклузивниот автомобил на светот се грижат детали. Не се многу, но се филигрански дотерани, така што Chiron Sport е за 18 килограми полесен, има подобра аеродинамика и за 10 % потврда суспензија, која му носи подобри возни својства.
Погонскиот склоп остана ист 8-литарски со четири турбо компресори и максимални 1.500 коњски сили. Меѓу неговите технички податоци ќе се сретне и тоа дека при полн гас му требаат дури 60.000 литри воздух во минута. Преносот на силата е на сите тркала преку 7-степен автоматски менувач. Иако тежи полни два тона, до сто километри на час забрзува за 2,5 секунди.