fbpx

Bugatti Chiron Super Sport е комбинација на перформанси и луксуз

Bugatti подготви уште поексклузивна и побрза варијанта на и онака моќниот Super Sport 300+, претставувајќи го Chiron Super Sport

Новиот ексклузивен примерок на Bugatti Chiron, наречен Super Sport, и со себе ги носи перформансите на Super Sport 300+, но изобилува со уште поголема ексклузивност и луксуз. За разлика од 300+, новиот Chiron Super Sport пристигнува со еден поинаков финиш. Ја задржува новата каросерија која е издолжена за 25 сантиметри во споредба со стандардниот Chiron за оптимален проток на воздухот при високи брзини. Двојниот издувен систем на задниот дел доловува уште подлабок и побогат звук од моќниот квад-турбо 8,0-литарски мотор кој испорачува масивни 1.600 КС и 1.600 Nm максимален вртежен момент.

Во споредба со Super Sport 300+, новата специјална верзија на Chiron добива редизајнирани алуминиумски тркала и опционален дијамантски финиш. Како опција, купувачите можат да си нарачаат тркала од магнезиум кои оригинално беа поставени на Pur Sport, за дополнително намалување на тежината од 23 килограми.

Chiron Super Sport

Всушност, Super Sport го нуди најдоброто од двата света на Bugatti, а тоа се неприкосновени перформанси, а притоа се задржува врвниот комфор и луксуз. Оттаму и цената од вртоглави 3,2 милиони евра за секој од само 60-те примероци кои ќе бидат произведени.

Кога станува збор за ентериерот, наместо Алкантара во која се обложени 300+ и Pur Sport, новата специјална верзија на Chiron добива кожа, полиран алуминиум и луксузни додатоци соодветни за уживање при високи брзини.

Во однос на Super Sport 300+, новиот Super Sport, покрај тоа што ги задржува истите 1.600 КС и 1.600 Nm, сепак има електронски ограничена максимална брзина на 440 километри на час во интерес на „безбедноста и хомологацијата“. Но, и покрај тоа, овој хиперавтомобил и понатаму може да се пофали со неверојатни перформанси. Од Bugatti велат дека Super Sport стигнува од 0 до 200 км/ч за само 5,8 секунди, додека до 300 км/ч стигнува за 12,1 секунда.

Поврзани вести

Back to top button