fbpx

Bugatti ја претстави ограничената серија Chiron Pur Sport

Bugatti продолжува да пласира нови верзии на актуелниот модел Chiron, па така сега подготвија и специјално издание Chiron Pur Sport

Минатата година, првиот човек на Bugatti Стефан Винкелман најави дека француската компанија ќе претстави две нови верзии на Chiron во 2020 година. Останувајќи верен на своите зборови, производителот на суперавтомобили го претстави Chiron Pur Sport.

Акцентот на оваа едиција е унапредувањето на аеродинамичниот пакет – преден спојлер, заден дифузор, заден спојлер од 190 сантиметри, и така натаму. Вo Bugatti исто така ја намалија и тежината на возилото кое е 50 килограми полесно во однос на стандардниот модел, ја подобрија управливоста, а тука е и модифицираниот систем на потпирање и трансмисија. „Се фокусиравме конкретно на агилноста на Chiron Pur Sport“, изјави Франк Хејл, шефот за надворешен дизајн на Bugatti. Поради тоа, овој модел пристигнува со 65 проценти поцврст систем на потпирање.

Кога станува збор за надворешноста, од Bugatti искористија карбон за дел од каросеријата, како што е долната третина од возилото, нови и полесни Aero тркала на кои се поставени специјални Michelin гуми, а на задниот дел забележливи се титаниумските издувни цевки. Внатрешноста на овој Bugatti модел е во минималистички стил обложен со алкантара, карбон и волан со маркер на 12 часот.

За дополнително уживање во возењето, на возачот, покрај EB, Motorway, Handling и Sport режимот на возење, сега му се нуди и новиот Sport+ режим. Bugatti Chiron Pur Sport пристигнува со веќе познатиот 8,0-литарски W16 мотор со моќност од 1500 КС и 1600 Nm максимален вртежен момент, кој пристигнува со рекалибриран автоматски менувач.

Bugatti планира да изработи само 16 примероци од Chiron Pur Sport, секој со вредност од 3,2 милиони евра. Производството ќе започне во втората половина од 2020 година.

Поврзани вести

Back to top button