fbpx

BYD Seal U DM-I дебитира во Европа со PHEV погон

Првиот европски plug-in хибрид на кинеската марка пристигнува со електричен опсег на движење од 126 километри

Кинеските брендови со своите електрични возила и нивната достапност и исклучително прифатливи цени веќе започнаа да наметнуваат сериозен притисок врз западните производители кои пак сега добиваат дополнителен притисок, а тоа е кинеската PHEV технологија. Имено, производителот BYD ова лето ќе го лансира SUV моделот Seal U DM-I во Европа, комплетиран со plug-in хибриден погон способен да испорача до 126 километри електричен опсег на движење.

BYD Seal U DM-I

Дизајниран да се натпреварува со моделите како Volkswagen Tiguan, Ford Kuga и Toyota RAV4, Seal U нуди избор од три опции за погон. Основните автомобили, означени со Boost, добиваат 1,5-литарски атмосферски четирицилиндричен мотор што произведува 98 КС, но е поврзан со електричен мотор од 197 КС за вкупна системска моќност од 218 КС и 300 Nm, кои се пренесуваат до предните тркала.

Верзиите каде фокусот е ставен на удобноста доаѓаат со истиот комплет, но наместо батеријата од 18,3 kWh на Boost (со досег од 80 км) добива поголем пакет од 26,6 kWh благодарение на што можат да се поминат 126 километри на струја. За оние кои сакаат повеќе моќ и се подготвени да жртвуваат одреден опсег, постои опција со врвни спецификации наречена Design, кои додаваат турбо полнач во моторот и погон на сите тркала.

Моторот со согорување од 131 КС на Design е дополнет со електромотор од 204 КС што ја движи предната оска и единица со 163 КС на задниот дел за комбинирани 324 КС и 550 Nm. Од нула до 100 км/ч забрзува за 5,9 секунди, но „данокот“ за овие перформанси е „само“ 69 километри електричен опсег, велат од BYD.

BYD знае дека ќе настапува на исклучително конкурентен пазар и ќе мора да убеди некои скептични купувачи, па затоа има изобилие на опрема во кабината со пет седишта на Seal U DM-I, вклучително и ротирачки инфозабавен екран од 15,6 инчи, двојни полначи за паметни телефони и способност V2L, што им овозможува на сопствениците да го користат автомобилот за полнење на преносни уреди кога нема електрична мрежа во близина.

BYD Seal U DM-I

И, исто така, доаѓа со пристојна гаранција која гарантира 70 проценти капацитет на батеријата за осум години или 200.000 километри, покрај тоа што го покрива остатокот од автомобилот за шест години и 150.000 км. BYD ќе ги открие цените малку подоцна ова лето.

Поврзани вести

Back to top button