Citroën го претстави освежениот и рестилизиран C3
Citroën ја претстави новата верзија на најпродаваниот модел на овој бренд во светот, кој е пример за пазарен успех со 750.000 продадени модели од неговото лансирање во 2016 година
Citroën актуелната генерација на моделот C3 ја претстави во јуни 2016 година, а продажбата започна неколку месеци подоцна и досега продаде повеќе од 750.000 примероци. Сепак, во француската компанија се свесни дека е време за дотерување на својот најпродаван бренд бидејќи конкуренцијата не мирува и веќе лансира нови модели и генерации на своите возила.
Со оглед на продажните статистики, кои покажуваат побарувачка за малиот хечбек, кој е најпопуларниот модел на авангардната француска марка во моментот, очекувано беше да се дојде до блага рестилизација. Кога станува збор за модел кој има успешни продажни резултати, тогаш производителите се внимателни со редизајнот и рестилизацијата, не сакајќи да се претера во обилноста на промените. Така беше случајот и со овој мал Citroën, па може слободно да се забележи дека промените се умерени и добри. Новиот Citroën C3 како модел со препознатлив стил и единствен ублик се оддалечува од стереотипите на овој сегмент и ги руши поставените пазарни правила.
Најголемите визуелни измени на редизајнираниот Citroën C3 се наоѓаат на предниот дел, но севкупниот дизајн едвај е ревидиран. Предната маска содржи сосема нови LED светла, повеќе хромирани детали, како и нова боја на рамката за светлата за магла. Освен тоа, Citroën предвиде и редизајнирани облоги на штитниците за кал и страничните заштитни Airbump панели, нов дизајн на 17-инчни алуминиумски тркала и уште поширока листа за персонализација. Последното подразбира нови бои, повеќе двобојни комбинации, нови колор акценти и графички пакети. Со оглед на тоа дека дури 65 проценти од европските купувачи го избираат својот C3 со двобојна каросерија, не треба да зачудува што Citroën го зголеми изборот од 36 на дури 97 комбинации на двобојна каросерија. Тука се и седумте нови бои на каросерија, четирите нијанси за покривот, а можно е да се избере и еден од четирите декоративни пакети.
https://youtu.be/_CDirvk_oyA
Citroën C3 со поголем комфор во внатрешноста
Во внатрешноста сега се наоѓаат Advanced Comfort седишта кои се познати од поголемите модели како C4 Cactus и C5 Aircross, помеки материјали, нов потпирач за раката кај возачот, инфозабавен систем со 7-инчен екран и гласовно препознавање, со Mirror Screen, Apple CarPlay и Android Auto. Листата на опрема ја пополнуваат и предните паркинг сензори, системот за автономно кочење во критични ситуации како и систем кој ги препознава првите знаци на замор и деконцентрација на лицето зад управувачот. Треба да се напомене и системот за стартување на возилото без клуч и системот за помош при движиење по нагорнина, како и препознавањето на сообраќајните знаци или автоматското вклучување на долгите светла.
Во палетата на мотори тука се 1,2-литарскиот Puretech трицилиндричен атмосферец со 83 КС, а тука е и турбо бензинецот со 108 КС, како и 1,5-литарскиот Blue HDi четирицилиндричен дизел мотор со 98 КС. Во зависност од моторот, се вградуваат мануелни менувачи со 5 или 6 степени, како и EAT6 автоматик.
Освежениот Citroën C3 ќе се најде во продажните салони почнувајќи од јуни, а како што ќе се наближува датумот ќе бидат познати и цените на рестилизираниот модел.