fbpx

Citroen ја покажа новата верзија на C3

Францускиот производител подготви нова верзија на C3 која претставува „модерен хечбек“ развиен за пазарите во Индија и Јужна Америка

Третата генерација на Citroen C3 доби фејслифт минатата година, додека C3 Aircross беше унапреден во 2021 со цел да остане конкурентен во својот сегмент. Но, сега француската компанија има нов C3 кој е наменет за Јужна Америка и Индија. Со должина од 3,98 метри и дизајн кој јасно е инспириран од SUV моделите, овој C3 ќе има јасна задача во интернационалниот развој на Citroen.

Меѓуосовинското растојание е 2,54 метри и е идентично со европската верзија, а она што привлекува најмногу внимание секако е дизајнот. Новиот C3 повеќе делува како кросовер, отколку хечбек, благодарение на високата хауба, пластичните заштитни облоги околу каросеријата, нагласените крила, алуминиумските странични плагови и покривните шини. Релативно високиот клиренс од 180 милиметри, во комбинација со добрата видливост и кратките надвиснувања, овозможуваат солидни перформанси во лесни „оф-роуд“ задачи и покрај тоа што автомобилот е со погон само на предните тркала.

Новиот C3 инкорпорира стилски елементи од остатокот на семејството на Citroen, како што се двојните фарови дизајнирани како продолжение на двојната шеврон решетка и црните А-столбови. Исто така нуди и голем број на опции за персонализација, вклучително и колоритни акценти на отворите за воздух, покривот, ретровизорите и страничните браници.

Комфорот и практичноста на прво место

Во внатрешноста, контролната табла делува модерно благодарение на комбинациите на бои, текстурата и препознатливите отвори за вентилација. На средина се наоѓа 10-инчниот екран на допир од инфозабавниот систем кој е најголем во сегментот и има целосна Apple CarPlay и Android Auto компатибилност и е комбиниран со целосно дигитален инструмент кластер зад препознатливиот управувач, додека возачот може да го полни својот телефон на три различни места преку USB портови.

Со оглед на тоа дека Citroen е насочен кон комфорот и практичноста, новиот C3 добива нови седишта со мека пена, голем простор за задните патници и голем број на места за складирање во кабината. Капацитетот на багажникот е 315 литри. Француската компанија не откри детали околу моторниот опсег на новиот C3.

Инаку, Индија наскоро ќе стане третиот најголем пазар на светот и Citroen кој влезе во оваа земја во 2019 година и го лансираше C5 Aircross во 2021, има амбициозни планови. Според извршниот директор на компанијата, Винсен Кобе, компанијата ќе лансира три интернационално насочени модели до 2024 година како дел од C Cubed програмата.

Новиот Citroen C3 ќе биде лансиран во првата половина на 2022 почнувајќи од Индија, а потоа ќе следуваат и јужноамериканските пазари.

Поврзани вести

Back to top button