fbpx

Citroen премиерно ги претстави новите C4 X и e-C4 X

Францускиот производител Citroen го претстави новиот C4 X, заедно со електричниот e-C4 X кои се продолжена верзија на стандардниот C4

Citroen ги претстави новите C4 X и e-C4 X фастбек кросовери кои во гамата ќе се сместат помеѓу стандардниот C4 и C5 X. Како што истакна извршниот директор на Citroen, Винсент Кобе, моделите се „достапна, одговорна и елегантна алтернатива во масата понуди на хечбек и теренци“.

Citroen C4 X

Нов дизајн, поголема ефикасност

C4 X и e-C4 X може накратко да се опишат како подолги верзии на C4 и e-C4 кои беа претставени во 2020 година. Новите модели го споделуваат истиот дизајн на предниот дел, но добиваат изразено опаѓачка покривна линија кон задниот дел, што доведува до редизајниран заден дел. Таму наоѓаме пар стилски LED задни светла, уникатна задна врата со интегриран спојлер и поконвенционално задно ветробранско стакло. Стилот на кросовер е задржан, со зголемено растојание од подлогата и пластични обвивки околу каросеријата.

Поаеродинамичната силуета резултира со подобрен коефициент на отпор од 0,29 Cd. Со должина од 4.600 мм, C4 X е за 260 мм подолг од обичниот C4, додека го дели истото меѓуоскино растојание од 2.670 милиметри.

Citroen C4 X

Обновена технологија во кабината и поголем комфор

Во внатрешноста, контролната табла кај C4 X и e-C4 X е заедничка со C4, вклучувајќи го тука 10-инчниот централен екран на допир и препознатливата дигитална инструмент табла. Сепак, моделите ја добиваат новата инфозабава MyCitroën Drive Plus што беше претставена во поголемиот C5 X, со нов интерфејс, подобро препознавање на гласот, повеќе функции за поврзување и бежични over-the-air надградби. Безбедносната опрема вклучува до 20 системи за помош вклучувајќи го и полуавтономниот Highway Driver Assist од Ниво 2.

Подолгото задно надвиснување а резултира со поголем багажник со капацитет од 510 литри што е многу поголем од 380-те литри на C4. Новите C4 X и e-C4 X добиваат поголем простор за задните патници кои имаат корист од просторот за колената од 198 милиметри и повеќе наведнат наслон на седиштето. Карактерот фокусиран на удобноста е нагласен со суспензијата Progressive Hydraulic Cushions и седиштата богати со пена од Citroen Advanced Comfort Programme.

Citroen C4 X

Очекувано, C4 X и e-C4 X ја делат архитектурата CMP / eCMP со обичниот C4. Оваа платформа е основа на повеќето помали автомобили и теренци на Stellantis, за разлика од архитектурата EMP2 која вообичаено се користи во компактни и средни модели. Сепак, растегната верзија на малата CMP платформа се покажа како соодветна за толку долго возило, помагајќи му на Citroën да го позиционира како прифатлива понуда од средна големина.

Во најголемиот дел од Европа ќе се продава само електричната варијанта

Повеќето европски пазари (Австрија, Белгија, Германија, Луксембург, Холандија, нордиските пазари, Португалија и ОК) ќе го добијат само целосно електричниот ë-C4 X, но Citroën го нуди и C4 X со турбо бензинец во PureTech 100 и Puretech 130 изведба, заедно со дизел моторот BlueHDi 130 на одредени пазари во Европа, Блискиот Исток и Африка.

Слично на другите електрични возила од Stellantis, ë-C4 X доаѓа со еден електричен мотор кој произведува 136 КС и 260 Nm вртежен момент. Литиум-јонската батерија од 50 kWh со технологија од 400 V е добра за опсег до 360 km според WLTP и е компатибилна со 100 kW DC полнење. Според Citroën, ë-C4 X забрзува од 0-100 км/ч за 9,5 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 150 км/ч.

Citroen C4 X и e-C4 X ќе се произведуваат во фабриката на Stellantis во Вилаверде во Мадрид, Шпанија. Продажбата ќе започне на есен оваа година, а цената ќе биде објавена подоцна.

Поврзани вести

Back to top button