Continental ќе прави гуми од глуварчиња
Германската компанија Continental ја започна последната фаза од тестирањето на технологијата за производство на природна гума од глуварчиња во истражувачкиот центар Taraxagum Lab во градот Анклам
Сериското производство на овие гуми е предвидено да започне во 2023 година. Taraxagum Lab е создаден како дел од проектот за развој на технологии за производство на природна гума од корените на глуварче врз кои Continental работи заедно со Институтот за молекуларна биологија и екологија на Универзитетот во Минстер.
Група истражувачи, успеаја да добијат гума од корените на глуварчињата, погодна за производство на автомобилски гуми, кои ќе бидат поевтини и подостапни. Специјалниот вид на глуварчиња беше одгледан во ботаничка градина на Универзитетот.
Првите експериментални гуми направени од овој иновативен материјал, беа претставени на Меѓународниот салон за комерцијални возила (IAA) во Хановер во 2014 година.
Досегашните тестови покажаа дека гумите, направени од таков материјал, не отстапуваат од традиционалните. Во Continental сметаат дека создавањето на вакви насади во Централна и Северна Европа ќе ги намали трошоците за транспорт на суровини и емисија на CO2, како и зависноста на производителите на автомобилски гуми од цените на светскиот пазар. Индустриската употреба на новиот поевтин и достапен материјал на Taraxagum може да започне за пет години.