Cupra Born премиерно претставен
Самостојниот бренд на Seat, Cupra, премиерно ги сподели сите детали за својот прв електричен автомобил, моделот Born
Cupra Born, чиј дизајн е инспириран од Барселона и еден од најстарите квартови во градот Ел Борн, е електричен хечбек направен врз MEB платформатта на Volkswagen групацијата. Согласно дизајнерската филозофија на шпанскиот бренд, Born се одликува со агресивниот и спортски стајлинг на Cupra и со себе носи поголема моќност во однос на својот „брат“, VW ID.3.
Born делува многу подинамично, а целосно го следи и изгледот на el-Born концептот кој беше претставен минатата година. Најголемите визуелни впечатоци ги оставаат предниот и задниот дел на автомобилот. Значителен придонес во идентитетот на Born даваат спортската хауба, аголните и препознатливи фарови, како и големата долна решетка. На задниот дел сес наоѓа хоризонталната светлечка лента која ги спојува препознатливите задни светла, а под нив се наоѓа суперспортскиот дифузер поставен под браникот.
Спортскиот изглед е преточен и во ентериерот, каде што Cupra додаде голем број карактеристични акценти кои го истакнуваат карактерот на Born и го разграничува во однос на своите „роднини“ од Volkswagen групацијата. Дигиталниот инструмент кластер добива свои карактеристични графички решенија, стандардниот 12-инчен инфозабавен систем е со потрадиционална форма, додека централната конзола и панелите на вратите се истакнуваат со специфични мотиви.
Централната конзола е поставена нешто повисоко и се одликува со потемни бои и бакарни акценти, со што се добива еден перформансен изглед, а пред возачот се наоѓа и head-up екран со проширена реалност во повисоките нивоа на опременост. Спортските седишта со фиксиран наслон за глава се обложени во ткаенина направена од рециклирана пластика извлечена од морињата и утоките.
Неколку различни верзии во понудата
Слично како и ID.3, така и Born може да се добие единствено со еден електромотор кој ја придвижува задната оска, но сепак Cupra нуди доволна разноликост кога станува збор за моќноста. Базичниот Born добива мала 45 kWh батерија со која може да се поминат 340 километри според WLTP циклус. Оваа верзија се одликува со моќност од 150 КС, што е доволно за спринтот од нула до „стотка“ да се достигне за 8,9 секунди.
По ова следува верзијата со 58 kWh батерија и моќност од 203 КС, како и опсег на движење од 418 километри. Спринтот од 0 до 100 км/ч тука опаѓа на 7,3 секунди. Купувачите можат да се одлучат и за истата батерија, но со 230 КС и e-boost опција со кои се добиваат идентични 418 километри опсег, додека спринтот од место до 100 километри на час се достигнува за 6,6 секунди. E-Boost функцијата пристигнува со дополнително копче на управувачот со кое се отклучуваат дополнителните перформанси.
На крајот, доколку постои потреба од електричен автомобил кој може да помине поголема дистанца, тука е електромоторот со истите 230 КС и e-boost функција, но со 77 kWh батерија. Оваа варијанта нуди околу 540 километри опсег, а спринтот до „стотка“ го достигнува за 7 секунди.
Една од предностите при изборот на најголемата батерија е побрзото време на полнење. Според информациите на Cupra, само моделот со 77 kWh батерија може да користи 125 kW полнење, благодарение на кое 100 километри опсег може да се добие со само седум минути приклучени на полнач, додека од 5 до 80 проценти возилото може да се наполни за 35 минути.
Засега Cupra не споделува информации околу цените и истите најверојатно нема да бидат објавени се до стартот на производството во септември.