Продукциската верзија на Cupra Formentor ќе дебитира во Женева
Перформансниот подбренд на Seat, Cupra, официјално потврди дека на Саемот за автомобили во Женева ќе ја претстави продукциската верзија на моделот Formentor
Официјалната премиера на Cupra Formentor ќе биде одржана на Саемот за автомобили во Женева во март, а продажбата на овој автомобил е планирана за втората половина од годинава. Исто така, треба да се напомене дека и покрај тоа што Cupra Leon беше претставен порано, тој сепак на пазарот ќе биде достапен по кросоверот на Cupra. Од Cupra потврдија дека моќниот хечбек и караванот ќе се појават во последниот квартал од 2020 година.
Кога станува збор за Formentor, електрифицираниот кросовер со високи перформанси беше најавен како концепт пред една година, но се очекува продукциската верзија да биде речиси идентична, пред се поради тоа што и самиот концепт делуваше дека е веќе подготвен за производство. Шпиунските фотографии кои се појавија претходно го открија изгледот на прототипот кој јасно покажува дека карактеристиките на концептот ќе бидат пренесени на продукцискиот модел.
Cupra се уште ги крие техничките спецификации, но постојат големи шанси Formentor да го добие истиот plug-in хибриден погон како и електрифицираниот Leon како и споменатиот концепт од 2019 година. Станува збор за комбинација на 1,4-литарски TSI мотор и електромотор, кои заедно испорачуваат 242 КС.
Ќе биде интересно да се види дали Formentor ќе биде понуден исклучиво како plug-in хибрид или ќе биде достапен и со конвенционален погон. Cupra Leon може да се добие со 2,0-литарски TSI мотор кој развива 241 или 296 КС чија сила се пренесува на предните тркала, додека караванот испорачува 306 КС и има погон на сите четири тркала. Се очекува Formentor да пристигне во понудата исклучиво со автоматски менувач.
Formentor ќе дебитира под значката Cupra како прв самостоен автомобил на овој бренд, но не е исклучено да се појават и верзии на Seat, барем така тврди шефот на дизајнерскиот оддел на Cupra Алехандро Месонеро Романос.