Cupra со нови детали и фотки за Formentor
Cupra објави нови детали и обилна галерија на фотографии за својот прв самостоен модел, SUV купето Formentor
Formentor ќе биде достапен со широк опсег на седум погони (вклучително и два plug-in хибриди) со моќност од 150 КС до 310 КС. Линијата ќе биде поделена на две категории – Cupra Formentor, со моќност под 245 КС, и Cupra Formentor VZ, за верзиите со моќност од 245 КС и повеќе. VZ доаѓа од шпанскиот збор „veloz“, што значи брзо или брзина.
Достапен уште од лансирањето, на врвот на понудата е 2,0-литарскиот TSI турбо четирицилиндричен бензински мотор кој испорачува 310 КС и 400 Nm максимален вртежен момент. Како стандарден пристигнува со седумстепен DSG менувач и погон на сите четири тркала, а спринтот до стотка го стигнува за 4,9 секунди, додека максималната брзина изнесува 250 километри на час.
Два plug-in хибриди од 2021
Од 2021 Cupra исто така ќе понуди и два eHybrid PHEV погони. Помоќната варијанта, која е споделена со Cupra Leon, комбинира 1,4-литарски TSI мотор со 150 КС и електромотор со моќност од 115 кС и 13 kWh батерија, за вкупни 245 КС моќност и 400 Nm вртежен момент. Вториот plug-in хибриден модел нуди комбинирана моќност од 204 КС и 350 Nm. Двата PHEV Formentor модели нудат автономија од 50 километри кога се вози исклучиво на електрична енергија.
Остатокот од моторниот опсег вклучува и 2,0-литарски TDI дизел со 150 КС, потоа 1,5-литарски TSI бензински мотор со 150 КС кој се нуди со мануелен или DSG менувач, како и 2,0-литарски TSI бензински мотор со 190 КС. Без оглед на погонот, Cupra Formentor пристигнува со Dynamic Chassis Control (DCC) системот и прогресивно управување како стандард. Дополнително, моделите со повеќе од 150 КС моќност добиваат и задна мултилинк суспензија како стандарден дел од опремата.
Cupra Formentor исто така ги добива и најновите безбедносни и конективни технологии, вклучително и новиот MIB3 инфозабавен систем со 12-инчен екран, 10,25-инчен дигитален кокпит и системи за асистенција и безбедност како Predictive Adaptive Cruise Control, Travel Assist, Blind Spot Detection, Side and Exit Assist и Emergency Assist.
Formentor ќе пристигне кај европските дилери оваа есен. Засега, цените се достапни само за моделот со 310 КС, а истата стартува од 43.953 евра во Германија.