fbpx

Cupra UrbanRebel е спектакуларен мал ЕВ концепт

Шпанскиот бренд Cupra го претстави својот најнов електричен концепт кој го добива името UrbanRebel, a се одликува со впечатлив дизајн

Новиот UrbanRebel концепт на Cupra делува како некој претерано тјуниран хот хеч наменет за некоја специјална серија на трки, а сепак под масивното задно крило и нагласените агресивни црти се крие мал електричен модел кој Cupra ќе го лансира на пазарот во 2025 година.

Моделот треба да го доживее своето јавно деби на Салонот во Минхен овој месец, а во пресрет на истото, шпанската марка ги објави првите фотографии од малиот електричен автомобил кој е поставен на MEB електричната платформа на VW групацијата.

На предниот дел се истакнува и доминира масивниот браник, а особено впечатлив и нагласен е дизајнерскиот јазик кој дебитираше со Cupra Tavascan SUV концептот во 2019 година. На задниот дел не може а да не се забележи гигантското крило. И тоа не само поради својата големина, туку и поради тоа што задната светлосна единица се издолжува од Cupra логото поставено во центарот на конструкцијата под задниот прозорец и се протега долж и нагоре по целото крило.

Cupra UrbanRebel

Сериозна моќност

Од Cupra велат дека електричниот погон на концептот испорачува константни 335 КС, но има можност да достигне и до 429 КС во ограничени временски период. Тоа е доволно за спринтот од нула до „стотка“ да се достигне за 3,2 секунди. Сепак, кога станува збор за продукциската верзија, треба да се истакне дека моделот кој ќе пристигне во 2025 ќе испорачува половина од таа моќност и ќе му треба над двојно повеќе време за спринтот 0-100 км/ч, барем кога станува збор за стандардниот модел.

Можете да забележите дека концептот има три врати со цел да се нагласи неговиот спортски изглед, но повеќе од јасно е дека сериската изведба ќе добие уште две задни врати. Кога станува збор за продукциската верзија, неизбежно е и прашањето околу цената, а според некои претпоставки, Volkswagen групацијата таргетира почетна цена од околу 20.000 евра за своите најмали електрични возила во иднина.

Поврзани вести

Back to top button