Dacia го претстави освежениот Duster
Романската марка го освежи својот мал кросовер модел Duster кој пристигнува со неколку промени на екстериерот и ентериерот
Dacia ја претстави освежената верзија на Duster, а малиот кросовер добива низа унапредувања во средина на својот животен век во внатрешноста, но и на надворешноста. Кога станува збор за екстериерот, ревидираниот субкомпактен модел добива нова Arizona Orange боја и има изменети фарови со новите LED дневни светла во форма на Y, кои пристигнаа со новите Logan и Sandero. Исто така, освежениот Duster е првиот продукциски модел на Dacia кој добива LED индикатори за насока на предниот дел, а LED светлата се задолжени и за осветлување на регистрациските таблички со цел да се намали потрошувачката на електрицитет и да го направи SUV моделот поефикасен.
Што се однесува до ефикасноста, новодизајнираните 16 и 17-инчни тркала се поаеродинамични во однос на претходните и овозможува верзијата со погон на сите четири тркала да емитува 5,8 грами помалку CO2. Ова исто така е овозможено и со дизајнирањето на новиот заден спојлер. Промените на екстериерот завршуваат со хромираните акценти на предната решетка.
Во внатрешноста, контролната табла е ревидирана и го добива новиот инфозабавен систем кој се одликува со 8-инчен екран на допир. Покрај вградената навигација, освежениот Duster поддржува и бежични Android Auto и Apple CarPlay, а дури поседува и 4х4 монитор за верзијата со погон на сите четири тркала, на кој се испишани сите релевантни податоци за ваквиот тип на погон.
Dacia исто така инсталираше и нови потпирачи за глава за поголема удобност и тие се слични како оние кај Logan и Sandero, кои ги позајмија од новата генерација на Clio. Тапацирот на седиштата исто така е целосно променет со фејслифтот, а новата високо поставена централна конзола има широк потпирач за раката и може да се поместува за 70 милиметри. Истата содржи простор за складирање од 1,1 литри и пар USB портови на поскапите верзии.
Нов автоматски менувач со двојна спојка
Најважната промена под хаубата е прифаќањето на шестстепениот автоматски менувач со двојна спојка. Сепак, EDC менувачот е достапен исклучиво со верзијата со погон на предните тркала и бензинскиот мотор со моќност од 150 КС. Доколку ви е потребна 4х4 верзија, истиот мотор ја испраќа моќноста на двете оски преку шестстепен мануелец. Овој менувач е вграден и кај TCe 90 и TCe 130 моторите кои се нудат со погон на предните тркала. Кога станува збор за дизел верзијата, dCi 115 работи со шестстепен мануелец и доаѓа во верзија со погон на двете или сите четири тркала.
Засега нема најави за хибриден погон, но како алтернатива се нуди Duster ECO-G 100 кој пристигнува со 50-литарски резервоар за LPG инсталиран на местото на резервното тркало. Има ист багажен капацитет како и бензинскиот модел и нуди подобар опсег од претходно, а притоа ја намалува емисијата на CO2 за 9,5 проценти.
Dacia ќе го пушти во продажба освежениот Duster во Европа од септември, но ќе пристигне со стариот беџ. Новото лого нема да се најде на продукциските автомобил се до втората половина на следната година.