Дакар заврши прерано и за Себастијан Леб
Себастијан Леб со Peugeot се збогува со понатамошниот тек од збиднувањата на Дакар 2018 по несреќата во која настрада навигаторот Даниел Елена
Нова етапна победа за минатогодишниот победник на релито, Стефан Петерхансел на Peugeot.
Леб и Елена беа најдобри на претходната делница, па петтата етапа ја започнаа први, а се возеше од Сан Хуан де Маркос до Арекипа, со должина 266 километри. Инцидентот се случи на околу пет километри по стартот, откако автомобилот на Себ се заглавени меѓу две песочни дини.
Леб и Даниел загубија речиси 3 часа додека чекаа помош за да продолжат. Малку подоцна, сепак се покажа дека Елена има силни болки во областа на карлицата и двајцата ја напуштија маршрутата, за да се вратат директно во кампот на целта во Арекипа.
Што се однесува до петтата фаза, беше освоена од клубскиот колега на Себ во Peugeot, Стефан Петерхансел, со што победникот во последните две изданија на релито се најде на чело во вкупниот пласман. Петерхансел има вкупно 13 победи во маратонската трка, а ова беше и првата етапна победа за оваа година, откако во финишот го надмина за речиси 5 минути Бернард тен Бринке.
Другата ѕвезда на Peugeot, Сајнц се обиде да го „брка“ Петерхансел, но заглави во дините уште во почетокот на фазата, па ја заврши етапата со 18 минути зад клубскиот колега. Во вкупниот пласман разликата меѓу двајцата се зголеми на над половина час. Тен Бринке се искачи на третото место во вкупниот пласман, а Насер Ал Атијах заврши на 24 минути зад Петерхансел и веќе е на 1,23 часа зад Французинот во генералниот пласман. Трети во оваа етапа беше Жинел де Вилие со другата Toyota и е на 11 минути зад Ал Атијах.
Хоан Бареда со Honda доминираше во битката кај мотоциклистите и ја освои етапата. Најважно за него е што успеа да надополни 15 минути од заостанувањето од 22 минути од страна на водечкиот Адриен ван Беверен на Yamaha. Бареда загуби над 20 минути во третата фаза, но овој пат беше недостижен за своите ривали во завршната фаза на територијата на Перу.
Матијас Валкнер со КТМ го освои второто место, во беспоштедна битка со уште двајца многу силни претенденти – Антоан Мео со КТМ и Кевин Бенавидес со Honda. Лидерот на табелата Ван Беверен остана петти, а во вкупниот пласман има предност од само 1 минута пред Бенавидес и 1,14 минути пред Валкнер.
Лидерот кај камионџиите, Едвард Николаев со Камаз, ја забележа и третата фазна победа оваа година, иако допушти грешка и камионот „легна“ на една страна, но екипажот имаше потреба само од неколку минути, за да го врати повторно на тркала. По вчерашната делница Николаев е речиси еден час пред Федерико Вилагра со Iveco.