Дали следи ликвидација на Chrysler?
Како што потенциравме во повеќе наврати, Серџо Маркионе, шефот на FIAT-Chrysler, ќе одржи средба со инвеститорите во гигантот, со цел утврдување на стратегија за развој во наредните неколку години на компанијата
Според првичните и неофицијални податоци на Automotive News од неименуван европски новинар, FCA планира да го ликвидира целосно еден од најстарите брендови во Америка -Chrysler. Oсвен тоа, потврдено е и она за што пишуваше и Авто Плус, повлекување на FIAT од пазарот во Северна Америка, како и Кина. Марката повторно ќе се фокусира на производство на достапни автомобили за Европа и Јужна Америка.
Важен дел од новата стратегија на корпорацијата, според Automotive News, ќе биде инвестирањето на многу средства во Jeep, бидејќи ова е најуспешниот бренд од портфолиото на FCA во моментов. Сепак, шокантна е и информацијата за постоечка можност Alfa Romeo и Maserati да бидат споени во една заедничка спортска дивизија, која ќе нуди моќни модели од сите класи на пазарот. Маркионе е лидер на FCA повеќе од 14 години, а следната година ќе биде последна за неговиот мандат.