Деби за Renault Space Nomad и Hippie Caviar Hotel камперите
Renault ги претстави своите најнови решенија за авантуристите и љубителите на кампувањето во моделите Space Nomad и Hippie Caviar Hotel
По објавувањето на тизер фотографиите во текот на минатата недела, сега и официјално Renault го претстави својот Hippie Caviar Hotel камперот, заедно со уште едно возило наменето за авантуристите, моделот Space Nomad. Француската компанија ги претстави двете камперски комбиња на Салонот во Дизелдорф.
Space Nomad е достапен во две должини и конфигурација за седење за четворица или петмина. Двете верзии пристигнуваат со покрив кој се издолжува и инкорпорира кревет чии димензии изнесуваат 120 на 200 сантиметри. Задната клупа исто така се конвертира во кревет чии димензии се 124 на 188 сантиметри.
Овој модел е опремен и со мала кујна која добива мал шпорет и лавабо. Тука е и 49-литарскиот фрижидер, а во внатрешноста може да биде монтирана и масичка, која може да се извади и надвор или целосно да се отстрани кога нема потреба од истата. Дел од опремата е и издолжливата тенда која овозможува сенка во текот на денот, како и надворешен туш.
Купувачите можат да бираат меѓу мотори кои испорачуваат од 111 КС до 172 КС. Моделите со 152 и 172 КС се достапни со автоматски менувач, додека послабите верзии се достапни исклучиво со мануелец. LED фаровите се дел од стандардната опрема, а камперите се опремени со активно итно сопирање, предупредување за напуштање на лентата, систем за мониторирање на возењето и предупредување за слепа точка.
Hippie Caviar Hotel
Hippie Caviar Hotel е концепт на Renault базиран на камперот Trafic со удобности кои ги нуди хотел со пет ѕвездички. Тука се луксузните материјали и некои фасцинантни дизајнерски идеи. Овој концепт се одликува со креветот кој може да се издолжи надвор од задната врата за да понуди неверојатно надворешно искуство, а за приватноста се задолжени завесите. Креветот се претвораат во седишта кога возилото е во движење. Исто така, овој кампер добива и „руфтоп“ тераса која вклучува мала масичка и два потпирачи за грб кои се отстрануваат.
Екстериерот на Hippie Caviar Hotel е финиширан во зелена Almond Flakes боја на предната страна, односно Anodised Silver Grey на задната страна. Кабината има и кожна лента долж контролната табла, а меѓу останатите материјали кои се користени се и егзотични типови на дрво, лен, волна и пена базирана на растенија.
За целосно хотелско искуство, Renault замислува и користење на дронови за да им доставува оброци на луѓето кои ќе кампуваат со Hippie Caviar Hotel. Исто така, замислата е да се испраќа и логистички контејнер на местата каде што ќе се стационира комбето, а истиот содржи туш, тоалет и место за електрично полнење.