fbpx

Дизајнерскиот шеф на Porsche најавува електричен 911

Електрификацијата во автомобилската индустрија е неминовен факт, a со тоа се соочува и Porsche кој има големи дилеми околу елктрификацијата на култниот 911 модел

Претходно оваа година, извршниот директор на Porsche, Оливер Блуме, истакна дека 911 ќе биде последниот модел кој ќе стане целосно електричен, „ако воопшто добие електрична варијанта“. Сепак, тоа не го спречува главниот дизајнерски шеф на Porsche, Михаел Мауер да го осмислува и да разговара за дизајнот на целосно електричниот 911, иако е малку веројатно дека ваквата варијанта ќе биде претставена пред 2030 година.

Блуме истакна дека концептот на 911 „не дозволува целосно електричен автомобил бидејќи моторот е поставен во задниот дел“. Мауер потврди дека легендарната силуета на 911 нема да биде загубена, но сепак поставката со моторот на задниот дел и ограничувањата која ги носи истата се чини дека воопшто не го загрижуваат, истакнувајќи дека целосно електричниот погон им дава поголема слобода на дизајнерите.

Porsche 911

Дизајнерскиот шеф на Porsche во изјава за Autocar истакна дека е повеќе загрижен за ограничувањата за идните мотори на внатрешно согорување, како што е пакувањето на издувниот систем поради растечките и се построги регулации за емисии. Тој вели дека за 10-15 години, задниот надвис би требало да биде „речиси два метри“ со цел да ја собере целата неопходна опрема, додавајќи дека „од чисто дизајнерска гледна точка, електричен 911 е уште полесно да се направи во иднина“.

Porsche 911

Ќе биде потешко да се дизајнира конвенционален 911 отколку ЕВ

Мауер потврди дека „различните мислења“ се дел од културата на Porsche и на крајот, ова е она што води до најдобрите решенија, потсетувајќи на еволуцијата од воздушно ладени до водено ладени и турбо мотори. Тој верува дека традиционалниот звук на шестцилиндричниот мотор не е 100 проценти од карактерот на автомобилот, бидејќи стајлингот, управливоста и перформансите исто така се важни фактори во искуството со Porsche 911.

И додека Мауер и неговиот тим веќе имаат визија за идниот електричен 911, тој сепак е скептичен околу тоа кога треба да се најде моделот на пазарот. „Ќе видиме. Можеби со следната генерација се уште ќе можеме да направиме 911 со мотор на внатрешно согорување. Не знам. Како дизајнери ќе мораме да најдеме решенија“.

Иако нема да видиме ЕВ варијанта на 911 во брзо време, сепак се чини дека Porsche се подготвува за електрификација на легендарниот модел.

Поврзани вести

Back to top button