ECOBEST Challenge 2025: Кои се најефикасните електрични автомобили во реални услови?

AUTOBEST повторно ја става електричната мобилност на тест. Во рамките на ECOBEST Challenge 2025, независната меѓународна организација тестираше 15 нови електрични автомобили од исто толку производители, при што мерењата беа спроведени во реални услови, на отворени патишта и во секојдневен сообраќај.
Пореални резултати, поголема доверба
Ова издание на ECOBEST Challenge покажа дека разликите меѓу официјалните WLTP податоци и реалната ефикасност се намалуваат. Речиси сите тестирани возила имаа подобри резултати во однос на минатата година, со што WLTP мерењата стануваат пореални и покорисни за купувачите.
Клучниот параметар – EcoC 2, кој мери колку километри може да се поминат со 1 kWh – донесе рекордни резултати. DACIA Spring и Leapmotor T03 се истакнаа со над 8 km/kWh, додека Mini Aceman E постигна над 7 km/kWh.
Вистински податоци за „нулата“
ECOBEST е еден од ретките тестови во Европа што ги вози возилата и по појавата на „нулата“ на индикаторот за батерија. Сите тестирани модели покажаа дека имаат резерва – од минимум 3 до максимум 36 km дополнителен досег. Најдобар беше KIA EV3, додека ниту едно возило не запре веднаш по сигналот за празна батерија.
Колкава е загубата при полнење?
Интересен параметар е и EcoC 3, кој покажува колкава е реалната количина на енергија потребна за полнење. Сите возила побараа повеќе од капацитетот на нивните батерии – од 5,9% до 21,3%. Audi A6 Sportback e-tron се покажа како најдобар, со најмала загуба на енергија при полнење.
Реална ефикасност – EcoC 4
EcoC 4 мери колку километри вози автомобилот со секој kWh добиен од полначот. Leapmotor T03 беше шампион со 6,89 km/kWh, а DACIA Spring следеше веднаш зад него со 6,73 km/kWh.
Време за полнење – фактор што прави разлика
Audi A6 Sportback e-tron се издвои и по брзото полнење – му беа потребни само 6 минути за да добие доволно енергија за 100 km, што е подобро од минатогодишниот рекорд на KIA EV9.
Прецизна методологија и реални критериуми
ECOBEST Challenge не е натпревар за брзина, ниту тест со лабораториски услови. Ова е еден од ретките објективни тестови во Европа кој ја мери реалната ефикасност на електричните возила, базиран на четири клучни индекси – EcoC 1, 2, 3 и 4.
Изданието од 2025 година по трет пат доби сертификат од Bureau Veritas – глобално признание за доследната и објективна методологија што AUTOBEST ја применува.