Единствениот и уникатен Tesla Model S караван оди на продажба
Од планираните 20 модели, направен е само еден примерок од овој уникатен Tesla Model S во караванска верзија
Холандската фирма RemetzCar пред две години го направи првиот од предвидените 20 примероци на Tesla Model S Shooting Brake, а овој автомобил дури беше изложен и на Меѓународниот Салон за автомобили во Женева во март 2019 година, каде со својот дизајн привлече големо внимание меѓу љубителите на автомобилите.
Сепак, од овој амбициозен план на холандската компанија на крајот не излезе ништо бидејќи фирмата во меѓувреме пропадна, но сепак преживеа првиот и единствен Tesla Model S Shooting Brake во изведба на RemetzCar.
Овој уникатен автомобил сега е огласен за продажба преку сајтот JB Classic Cars. Единствениот Tesla Model S во караванска изведба ќе го чини потенцијалниот купувач 224.521 евра доколку доаѓа од некоја од земјите на Европската унија, додека цената за клиентите од останатите делови од светот е намалена за ДДВ и изнесува 185.555 евра.
Единствениот Model S Shooting Brake е офарбан во металик зелена боја, а со оглед на тоа дека е заснован на верзијата Model S P85, се напојува со еден електромотор од 422 КС и 600 Nm максимален вртежен момент. Електричната енергија се складира во батерија со капацитет од 85 kWh, што е доволно за автономија од 407 до 438 километри според EPA стандардите.
Податоци за перформансите не се објавени, но познато е дека стандардниот Model S P85 е во состојба да забрза од нула до „стотка“ за 4,5 секунди, додека максималната брзина изнесува 210 километри на час. Овој автомобил досега поминал 60.000 километри.