Електричниот Fisker Ocean пристигнува во Европа
Компанијата Fisker го прослави европското деби на својот модел Ocean на Mobile World конгресот во Барселона
Fisker Ocean влегува во произвдствена фаза во ноември оваа година, а кратко потоа ќе пристигне и во одредени европски држави. Ocean е електричен кросовер кој се одликува со „прекрасна изработка, врвно инженерство, иновација, достапност и одржливост“.
Моделот пристигнува опремен со LED светлечки единици, стаклен покрив, електрична задна врата и 20-инчни тркала од лесна легура. Купувачите во автомобилот ќе најдат и PowerBank систем кој се одликува со надворешен приклучок како и можност за полнење меѓу возила.
Кога станува збор за ентериерот, Fisker Ocean добива мал инструмент кластер кој се наоѓа зад управувачот, а на контролната табла се наоѓа масивниот 17,1-инчен инфозабавен екран. Тука е и дигиталниот ретровизор како и аудио системот на Harman/Kardon со осум звучници. Моделот исто така се одликува со асортиман на стандардни системи за асистенција на возачот, вклучително автоматско сопирање во итни случаи, мониторирање на слепата точка, одржување на сообраќајната лента, асистенција при паркирање и технологија за препознавање на сообраќајните знаци.
Четири различни нивоа на опременост
Достапни ќе бидат и различни нивоа на опременост. Базичниот Ocean Sport добива електромотор поставен на предната осовина кој испорачува 279 КС. Ќе се напојува од Touring Range батерија која му овозможува на кросоверот да помине 440 километри. Над него е Ocean Ultra кој има поставка со два електромотори и погон на сите четири тркала со вкупна системска моќност од 548 КС и опсег на движење од 610 километри. Во оваа варијанта, кросоверот од нула до „стотка“ стигнува за 4,2 секунди.
По ова следува Ocean Extreme и Ocean One Launch Edition. Двата модели се одликуваат со унапреден систем за погон на сите тркала и два електромотори кои испорачуваат вкупно 558 КС и му овозможуваат од место до 100 км/ч да стигне за 3,9 секунди. Овие варијанти исто така имаат Hyper Range батерија која им овозможува опсег на движење од 630 километри.
Цените варираат зависно од пазарот на кој ќе се најде Fisker Ocean, а комплетните детали ќе бидат објавени пред самото лансирање.