Електричниот Mustang Mach-E пристигна во Македонија
Електричниот перформансен кросовер на Ford, Mustang Mach-E, го забележа своето деби во Македонија и веќе е достапен за македонските купувачи
На македонскиот пазар пристигна првиот целосно електричен спортски автомобил со високи перформанси во историјата на Ford, Mustang Mach-E. Моделот, кој ја доживеа својата премиера пред нешто повеќе од две години, веќе се нуди за директна продажба во Ford салонот на Ми-да Гранд Моторс во Скопје.
На официјалната презентација пред македонската јавност, присутните се запознаа со овој легендарен модел кој претставува историски доказ за развојот на автомобилизмот и преминот во ерата на електрични автомобили. Mustang Mach-E се дефинира како комплетно електричен компакт – кросовер – SUV кој носи батерија од 98.8 kWh и овозможува возење дури до 540 км со едно нејзино полнење. Полнењето може да се изврши во домашни услови и на брзи полначи до 150kW.
Името, Mustang Mach-E е инспирирано од првиот Mustang модел кој се нарекувал Mach-1. Симболично сега беше презентиран првиот електричен Mach-E.
„Брендот Ford како пионер во автомобилската индустрија продолжува со својата електрификација во Европа каде, до 2024 година, се планира да се лансираат девет комплетно електрични модели. Како официјален импортер и сервисер, компанијата Ми-Да Гранд Моторс ќе продолжи да ги обезбедува најновите современи автомобилски решенија за клиентите во Македонија“, рече Дритон Заири, генерален директор на Ми-Да Гранд Моторс.
Стил инспириран од историјата и ентериер од иднината
Покрај очигледниот стил инспириран од спортското купе, Mach-E претставува прилично стилски кросовер со агресивен преден дел, целосно затворена решетка, опкружена со тенки LED единици за осветлување и спортски браник. Движејќи се кон задниот дел, кросоверот се карактеризира со кровна линија која потсеќа на купе модел и нежно заоблени површини. Задниот крај се одликува со светлосни уреди инспирирани од Mustang, црн спојлер поставен на задната врата, како и црн долен браник.
Кога станува збор за ентериерот, пред самиот возач поставен е мултифункционален управувач со логото на Mustang, 10,2-инчен дигитален инструмент панел, додека пак десно од него се наоѓа 15,5-инчен инфозабавен систем со екран на допир. Внатрешноста исто така се карактеризира и со материјали со повисок квалитет и подобрен дизајн.
За повеќе информации посетете го продажниот салон на Ford во рамките на комплексот на Ми-Да Гранд Моторс во Скопје.