fbpx

Eletre е новиот целосно електричен SUV на Lotus

Новиот целосно електричен SUV на Lotus наречен Eletre ја менува целата перцепција за британската марка која е синоним за спортски автомобили

Најновиот модел на Lotus, моделот Eletre, не е спортски автомобил, туку SUV, а наместо конвенционален мотор, има целосно електричен погон. Овој целосно електричен SUV, а не Emira, хиперавтомобилот Evija или престојниот мал спортски автомобил заеднички развиван со Alpine, е производот кој најпрецизно укажува на тоа во која насока се движи Lotus и претставува клучот на Geely во целта да се преобрази производителот кој е синоним за спортските автомобили.

Технички Eletre е само еден од трите „лајфстајл“ електрични возила кои Lotus ќе ги претстави во следните години. Овој SUV знаменосец ќе се најде во продажба во Велика Британија, Кина и Европа во 2023 година, а во САД ќе пристигне една година подоцна. Сепак, новата чисто електрична платформа врз која е поставен моделот може да ја менува својата големина, што му овозможува на Lotus да создаде нови електрични седани и SUV модели во иднина. Но, ова не значи дека Lotus ќе се откаже од пазарот на спротски автомобили. Сепак, треба да се земе предвид дека овој пазар опаѓа, а оној SUV-овскиот расте, а на Lotus му се неопходни попрактични производи за да расте како марка.

Кога станува збор за самиот автомобил, името Eletra, покрај тоа што јасно асоцира на електричниот погон, на унгарски значи и „доаѓа во живот“ и го претставува новото раѓање на Lotus. Матичната компанија Geely има големи очекувања од британската марка. Пред се, ова е првиот Lotus кој ќе се произведува во Кина во новата фабрика во Вухан, иако идните спортски модели ќе продолжат да се раѓаат во спиритуалниот дом на марката во Хетел, Англија.

Ако се земат предвид стандардите на Lotus, Eletra е прилично голем автомобил благодарение на своите 5.105 милиметри должина, висина од 1.630 милиметри и меѓуоскино растојание од 3.019 милиметри. Според пропорциите, Eletra повеќе наликува на своевиден спортски кросовер, отколку класичен SUV.

Lotus Eletre

Брзо полнење, одлични перформанси и фантастичен опсег

Eletre е поставен на новата Electric Premium Architecture платформа на Lotus, а компанијата истакнува дека различните тримови на електричниот SUV имаат моќност почнувајќи од 600 километри со по еден електромотор на двете оски. Забрзувањето од место до „стотка“ ќе се одвива за помалку од 3 секунди, а максималната брзина е 260 километри на час.

Од Lotus откриваат дека капацитетот на батеријата е над 100 kWh, а ова овозможува опсег на движење од 600 километри според WLTP. Eletre има брзополнечки способности од 350 kW, што овозможува батеријата да се наполни до 400 километри опсег за само 20 минути.

Кросоверот е поставен на воздушен систем на потпирање со активно прилагодување на висината на возење, а исто така има и управување на задната оска како и активни анти-рол барови.

Дизајнерски полн погодок на Lotus

Кога станува збор за дизајнот на овој SUV, на предниот дел Eletre добива генерални дизајнерски елементи од Lotus Emira спортскиот автомобил во севкупната форма на кросоверот. Во согласност со актуелниот тренд, особено се истакнуваат раздвоените фарови. Дневните светла се наоѓаат на работ на хаубата, а главните светла се поставени во долниот, затемнет дел на предницата. Решетката поседува активни аеродинамички решенија користејќи меѓуспојливи триаголни парчиња кои се отвораат кога моторите, батеријата и сопирачите имаат потреба од ладење.

Lotus Eletre

Кога станува збор за технологијата, Eletre пристигнува со четири распоредливи LIDAR радари. На покривот се наоѓаат два – еден над предното стакло и еден над задното стакло. Плус, секоја страна од каросеријата го посеува уредот во близина на предниот браник. Во регионите каде што е тоа дозволено, возилото наместо традиционалните ретровизори ќе користи камери.

Lotus Eletre

Врвна изработка на ентериерот

Подеднакво изненадувачки како дизајнот на екстериерот е и изгледот на кабината на Eletra. Пред се, дизајнот е футуристички, а ентериерот е невообичаено светол и простран за Lotus. Освен тоа, наместо традиционален инструмент панел, просторот пред возачот е тенка лента која е помалку од 30 милиметри висока. Соодветно парче се наоѓа и на совозачката страна на која се прикажуваат различни информации како што е музичкиот избор или пак навигацијата. На средината се наоѓа 15,1-инчен екран кој ги нуди сите потребни информации.

Lotus Eletre

Пред возачот исто така се наоѓа и head-up екран со проширена реалност како стандарден дел од опремата. Зависно од изборот на купувачите, моделот може да биде во конфигурација со четири или пет седишта, а ако изборот биде со четири, тогаш меѓу патниците на задната клупа се наоѓа и големиот тунел на кој е поставен уште еден голем екран кој ќе се користи за пристап до различни информации.

Lotus Eletre

Иако Lotus никогаш претходно не продавал SUV модели под своето име, сепак има развиено голем број за своите клиенти, така што ова не е нешто сосема ново за компанијата. Eletre сепак е нова насока за марката, а по овој модел ќе пристигне и купе со четири врати, за во 2026 да пристигне малиот електричен спортски автомобил во соработка со Alpine.

Поврзани вести

Back to top button