Escalade-V е најмоќниот и најскапиот Cadillac досега
Cadillac го претстави новиот Escalade-V, долгоочекуваната високоперформансна верзија на својот мега-популарен SUV
Новиот Escalade-V пристигнува со моќниот V8 мотор со 682 КС под хаубата, што е најмоќниот продукциски агрегат на компанијата, а исто така добива и специјално изработен систем на потпирање и ентериер преполн со луксузни карактеристики.
Овој SUV со три реда седишта ќе се нуди во стандардна (3.071 милиметри) и ESV (3.406 милиметри) верзија на меѓуоскино растојание, а цените во Северна Америка започнуваат од 149.990 долари, што го прави најскапиот сериски Cadillac досега.
Најмоќен мотор на Cadillac
Компанијата го нарекува својот Escalade-V најмоќниот голем SUV во индустријата. Заслужен за тоа е рачно изработениот супер 6,2-литарскиот V8 мотор кој ја испраќа моќноста на сите четири тркала преку 10-степениот автоматски менувач. Со тежина од 2.820 килограми за стандардната, односно 2.906 килограми за ESV верзијата, моторот со 682 КС и 885 Nm овозможува спринтот од 0 до 60 милји на час (0-96 км/ч) да се достигне за 4,4 секунди.
Покрај моќниот агрегат, Cadillac подготви и низа модификации кои ги комплементираат овие перформанси. Така, Escalade-V ја добива четвртата генерација на Magnetic Ride Control на General Motors со Air Ride Adaptive систем на потпирање и дополнителен хардвер за суспензијата кој е ексклузивен за овој V модел. Cadillac исто така вгради различни возачки режими кои можат да бидат конкретно аплицирани на компонентите како управувањето или системот на потпирање вклучително Tour и Sport.
Изобилие на врвна технологија
Како што може да се очекува од еден ваков луксузен модел, Escalade-V е преполн со модерна и напредна технологија. Тука пред се се истакнува Super Cruise „хендс-фри“ технологијата на GM. Во внатрешноста на секој модел возачите ќе најдат 14,2-инчен централен дигитален екран кој ја зголемува проширената реалност за да испорача дополнителни информации кога навигацијата е вклучена. Вкупната големина на екраните изнесува 38 инчни, а од Cadillac велат дека имаат двојно поголема густина на пиксели од 4К телевизори.
Но, екраните не се единственото нешто што се истакнува тука, бидејќи Escalade-V добива и Black, Dark Auburn или Zebra Wood акценти. Предните седишта добиваат функција за масажа, а сите три реда на седишта имаат тапацир од анилна кожа. Моделот исто така е опремен и со стандардниот AKG Studio Reference аудио систем со 36 звучници со 3D сараунд систем.
Карактеристичен дизајн
Кога станува збор за дизајнот, Escalade-V се истакнува со Sport Mesh решетката, а благодарение на неколкуте модификации и додатоци од Cadillac направија моделот да делува многу поатлетски на предниот дел. Големиот SUV е поставен на уникатни 22-инчни тркала зад кои се наоѓаат специјално изработени Brembo сопирачки со Edge Red шапи и карактеристичен издувен систем со четири завршетоци.
Целиот пакет на изобилие на луксуз, моќност и технологија споени во овој Cadillac Escalade-V ќе се најде во продажба кон крајот на ова лето, а од компаннијата истакнуваат дека производството ќе биде ограничено.