ЕУ ја забранува продажбата на конвенционални возила до 2035
Европската комисија е решена во своите намери да стави крај на продажбата на возила со мотор на внатрешно согорување
Земјите од Европската унија се подготвуваат за нова ера во мобилноста. Европската комисија веќе некое време се подготвува за воведување на нови регулативи кога станува збор за автомобилите, а наводно сега е подготвена да го донесе и конкретниот датум со кој треба да се означи дефинитивниот крај за продажбата на конвенционални возила со мотори на внатрешно согорување. Според најновите информации, тоа би требало да биде 2035 година.
Конкретните предлози на Европската комисија треба да се дознаат на 14 јули кога ќе бидат претставени пакетот мерки за ублажување и борба против климатските промени. Ќе бидат предложени 12 мерки во врска со намалување на загаденоста на воздухот, а се очекува една од овие ставки да се однесува и на целосна забрана за продажба на конвенционални возила.
Имено, според најавите, Европската комисија ќе побара забрзување на електрификацијата, а како една од опциите ќе биде истакнато дефинитивното запирање на продажбата на бензинските и дизел агрегатите. Со оглед на тоа дека станува збор за комплициран и долг процес, истиот ќе се направи низ неколку фази. Најпрво ќе се инсистира за уште поостри норми кога станува збор за емисијата на штетни гасови. Овие норми во 2035 година ќе бидат такви што ќе дозволуваат исклучиво нулта емисија, што значи дека сите автомобилски брендови кои ќе работат во ЕУ ќе мораат да продаваат исклучиво електрични автомобили, или пак модели со водородни горивни ќелии.
Пензионирањето на конвенционалните автомобили е неизбежно
Но, предлогот на Европската комисија не значи дека ќе биде прифатен, бидејќи свој збор ќе има и Европскиот парламент, како и земјите членки, особено оние кои во поголема мерка се потпираат на автомобилската индустрија.
Секако, периодот од 14 години, колку што ќе изнесува преостанатиот период до 2035 е навистина кратко време, пред се поради фактот што електричните возила се уште со себе носат некои проблеми како што се малата автономија на движење, големата маса, па и високите цени.
Но, што се ЕК ќе предложи засега не е дефинитивно познато и ќе дознаеме за нешто помалку од еден месец, но јасно е дека Европејците се подготвени да ги испратат препознатливите конвенционални возила.