FCA со 700 милиони евра за изградба на Fiat 500 EV во Италија
FCA го остава зад себе неуспешниот обид за спојување со Renault со инвестиција од 700 милиони евра за изградба на електричниот Fiat 500 EV
Италијанскиот производител на автомобили изјави дека планира да инвестира 700 милиони евра во целосно новиот, електричен Фиат 500. Ова претставува најголемиот единствен залог за електрични возила на FCA до сега.
Инвестицијата ја објави Пиетро Горлиер, главен оперативен директор за Европа, Блискиот Исток и Африка, кој посочи дека ова се однесува за фабриката Мирафиори во Торино, Италија, која годинава прави 80 години. „Планот е потврден“, изјави Горлиер за медиумите кога беше прашан дали FCA и понатаму е посветена на инвестирање во технологија на електрични возила, откако планот за спојување со Renault пропадна.
Горлиер изјави дека инвестицијата ќе оди кон изградба на нова производна линија во Мирафиори, способна да произведува 80.000 единици годишно од новиот електричен модел, со потенцијал за проширување на капацитетите подоцна. Престојниот Fiat 500 EV ќе биде првото електрично возило на компанијата во Европа, бидејќи неуспешниот 500е беше ексклузивен за САД.
Извршниот директор најави дека производството ќе започне во вториот квартал од 2020 година. Според плановите на FCA, околу 1.200 луѓе ќе бидат задолжени за производството на Fiat 500 EV, но електричниот градски автомобил можеби нема да биде единствениот електричен модел произведен во Мирафиори.
„Овој автомобил беше целосно замислен, дизајниран и конструиран овде. Тоа е вистински производ на ‘Made at Fiat’ и ‘Made in Turin’. Ова е уште еден одличен пример за способноста да се создаде и да се иновира она што изобилува во нашата компанија и во овој град “, рече Горлиер.
Електричниот Fiat 500, за кој Гориер вели дека ќе донесе најсовремени решенија, е дел од многу поширокиот инвестициски план што FCA го има за Италија во периодот 2019-2021 година. Компанијата вети дека ќе инвестира вкупно 5 милијарди евра за да го обнови својот асортиман со воведување 13 нови или значително освежени модели и сеопфатна понуда на електрични возила, вклучувајќи и 12 електрифицирани верзии на нови или постоечки модели.