fbpx

Ferrari ги откри 812 Competizione и Competizione A

Италијанската марка Ferrari го откри името на специјалната верзија на својот 812 модел, а тоа се новите 812 Competizione и Competizione A

Ferrari уште од претходно ја најави новата, специјална верзија на 812, а станува збор за две варијанти на суперавтомобилот и тоа 812 Competizione и 812 Competizione A со отворен покрив. По објавувањето на првите детали за специјалната верзија на 812, Ferrari сега го претстави новото високо перформансно купе заедно со својата тарга варијанта. Главната карактеристика на новото издание на 812 е неговата моќност, односно унапредената верзија на природно аспирираниот 6,5-литарски V12 мотор кој испорачува 829 КС, наместо досегашните 800 КС на Superfast, a достигнува и до вртоглави 9.500 вртежи во минута. Максималниот вртежен момент е за нијанса намален од 717 Nm на 695 Nm.

812 Competizione

Променета е и трансмисијата, па така седумстепениот автоматски менувач со двојна спојка пристигнува со нов софтвер кој го намалува времето на менување на брзините за пет проценти, задржувајќи го истиот сооднос со „обичниот“ 812 Superfast. Според Ferrari, новиот 812 Competizione од нула до „стотка“ стигнува за 2,85 секунди, додека максималната брзина изнесува 340 километри на час. Кај 812 Competizione A бројките ќе бидат нешто поинакви поради поголемата тежина. Но, и тука Ferrari ќе ја минимизира тежината со инсталирање на тарга покрив направен целосно од карбон.

Голем број на механички модификации

Опремен со опционални карактеристики со цел да се намали тежината што е можно повеќе, 812 Competizione тежи 1.487 килограми. Со цел да ги достигне перформансите на 6,5-литарскиот V12, Ferrari редизајнираше голем број од компонентите на агргегатот, а постави и нов издувен систем. Новите издувни цевки се поставени на двата краја на браникот, со што се отвора простор за голем заден дифузер кој работи во „совршена аеродинамична синергија“ со новиот заден спојлер, со што се гарантира максимален аеродинамичен потисок над задната оска. На предната страна се наоѓа преден спојлер со пасивен мобилен аеро систем, кој се отвора при брзини над 250 километри на час, со што се овозможува 812 Competizione да ја достигне максималната брзина.

812 Competizione

Најновата еволуција на управувањето на четири тркала на Ferrari е имплементирана во новите 812 Competizione модели со што се добива поголема агилност, заедно со аеродинамичките унапредувања користени од Formula 1 болидите во текот на минатата деценија. Една од најинтересните карактеристики на новиот Ferrari 812 Competizione секако е новиот заден „прозорец“ кој е целосно затворен, ослободувајќи простор за нови аеродинамички решенија. Тука се вклучени трите пара на испакнати елемтни кои функционираат како вортекс генератори со цел да се наруши протокот и да се редистрибуира полето на притисок на задната оска.

812 Competizione

Ferrari не открива детали за цената во овој момент, но и колку примероци ќе произведе.

Поврзани вести

Back to top button