fbpx

Ferrari го откри изгледот на новиот Purosangue

Ferrari го објави првиот официјален тизер за престојниот Purosangue, првиот SUV на брендот и притоа ја најави неговата премиера

Ниту легендарната италијанска марка Ferrari не може да остане имуна на SUV-манијата која го зафати светот на автомобилите. Откако нивниот главен ривал Lamborghini направи вистински „бум“ со Urus, неизбежно беше и компанијата од Маранело да се спротистави со свој кросовер модел. Оттаму и Purosangue, првиот SUV на марката кој Ferrari го најави уште во 2018, а сега го објави и првиот официјален тизер со кој се открива изгледот на предницата и притоа ја потврди премиерата за подоцна оваа година.

Тизерот ни дава увид во дизајнот на предниот дел. Purosangue е официјално највисокиот модел во опсегот на Ferrari, со зголемен клиренс, масивни отвори за воздух на предниот браник и тенка лента која ги спојува LED фаровите, што е инспирирано од SF90 суперавтомобилот.

Од Ferrari не соопштија никакви детали околу спецификациите на погонот на Purosangue, но шпекулациите кои се појавија на различни форуми и веќе достапните моторни опции во палетата на марката ни даваат некоја идеја околу тоа што можеме да очекуваме.

Најверојатната солуција ќе биде хибридниот погон од 296 GTB, кој е сочинет од битурбо 2,9-литарски V6 и електромотор за комбинирана моќност од 830 КС. Друга опција може да биде хибридниот битурбо V8 од SF90 Stradale кој испорачува 1.014 КС, иако тоа делува како премногу за еден SUV. Двете хибридни опции можат да бидат со помала моќност за Purosangue, додека погонот на четири тркала се очекува како задолжителна карактеристика. На крајот, се споменува и опција со природно аспирираниот 6,5-литарски V12 од 812 Superfast кој може да испорача 830 КС.

Производството на Ferrari Purosangue ќе започне во 2022, веднаш по онлајн премиерата, а првите испораки се очекуваат во 2023.

Поврзани вести

Back to top button