Ferrari се соочува со правен спор за името на Purosangue
Легендарната италијанска марка на спортски автомобили планира на пазарот во 2022 да го лансира својот прв SUV, но името Purosangue се чини дека е проблематично
Откако Ferrari откри дека планира да го произведе својот прв SUV, брендот започна преговори со италијанската добротворна непрофитна организација Purosangue околу користење на името. Но, откако двете страни не успеаја да постигнат договор, добротворната организација го блокираше барањето на производителот на автомобили да го заштити ова име во Европа, па Ferrari покрена тужба пред Судот во Болоња.
Како одговор на тужбата, фондот Purosangue, чија цел е помош во борбата против крвниот допинг во спортот, тврди дека нивното контиуирано пратнерство со Adidas е повеќе од доволен доказ дека фондацијата ја искористила марката. Непрофитната организација исто така основала кампови за трчање во земји како Кенија и финансирала здравствени прегледи за постари лица во Италија.
Алесандро Масети, кој овој фонд го застапува pro bono, го нарече случајот „Давид против Голијат“ и додаде дека Purosangue има изобилство на докази дека го искористил тоа име. Во меѓувреме, основачот на добротворната организација, поранешниот професионален тркач Макс Монтефорте, изјави дека фондот нема да биде заплашен од моќната компанија.
„Тоа е неправда. Зошто би требале да се откажеме од својот идентитет? Требало прво да проверат дали е достапно името“, изјави тој за Financial Times. „Ние сме мали, така што тешко е да се одбрани нашиот бренд, но работиме важна работа“.
Ова не е прв пат Ferrari да се вмеша во спор околу својот бренд. Автомобилскиот магазин „Road & Track“ истакнува дека производителот на автомобили уште во 2014 година имал спор со канадскиот диџеј Џоел Томас Зимерман, откако својот Ferrari модел 458 Italia го нарекол „Purrari“ и го облекувајќи го во светло син винил со слика од мачка Nyan. Ferrari North America го тужеше диџејот и инфлуенсер поради неговите постови на социјалните мрежи сметајќи ги за непристојни.