Ferrari се враќа во FIA Endurance шампионатот со новиот 499P
Италијанскиот производител Ferrari се враќа во FIA Endurance шампионатот по 50 години пауза со новиот 499P автомобил
Ferrari се враќа на највисокото ниво на трки за издржливост за прв пат по 50 години со новиот Ferrari 499P, кој ќе се натпреварува на World Endurance Championship на FIA во Le Mans Hypercar класата. Автомобилот ќе го има своето натпреварувачко деби на 1000 Miles of Sebring во март 2023 година и има елегантен, но наменски дизајн кој веќе е прикажан во неговата црвена и жолта тркачка боја.
Дизајнерите на Ferrari ја направија својата магија на предниот дел на автомобилот со сет од тенки LED фарови и изразен сплитер од карбонски влакна. Над предните гуми има големи отвори во каросеријата, а видлива е и познатата кабина во прототип стил. Страничната каросерија е мазна и едноставна, драматичен контраст од сегашниот F1 болид на Ferrari, додека на задната половина e забележлива големата аеродинамична перка и високото крило.
Италијанскиот производител разви сопствена шасија за 499P, имајќи предвид дека ќе се натпреварува во класата LMH наместо во класата LMDh каде што конкурентите мора да користат шасија од Multimatic, Dallara, Oreca или Ligier.
За напојувањето на 499P е задолжен 3,0-литарски V6 со двоен турбо полнач кој ја дели својата архитектура со онаа на тркачкиот автомобил 296 GT3, но е темелно преработен, со цел да се осигура дека е полесен и може да делува како носечки дел од структурата на автомобилот. Вклучена е и батерија од 900 волти што управува со електричен мотор. Моторот на внатрешно согорување ги придвижува задните тркала додека електричниот мотор го напојува предниот дел. Автомобилот има и систем за обновување на енергијата кој ја полни батеријата при забавување и сопирање. 499P испорачува комбинирани 680 КС.
Повеќе од 12.000 километри тестирања се извршени на 499P и ќе биде хомологиран пред крајот на годината. Како дел од World Endurance Championship на FIA, 499P ќе се појави и на 24 часа Ле Ман.