Ford Bronco е веќе распродаден за 2021 година
Ford неодамна го претстави новиот Bronco кој привлече големо внимание во автомобилската јавност, а доказ за тоа е интересот кој го пројавиле купувачите
Американската компанија Ford веднаш по премиерата на новиот Bronco го пушти во употреба официјалниот сајт преку кој сите заинтересирани купувачи можеа да го резервираат својот примерок за 100 американски долари кога тој ќе се појави во продажба кон почетокот на следната година. Американските медиуми пренесуваат дека сајтот се соочувал со проблеми поради огромните посети на истиот од страна на заинтересираните купувачи, а по десет часа во функција, на сајтот се појави информација дека резервациите се пополнети и дека Bronco е распродаден за 2021 година.
Ford не сака да потврди официјално колкав е бројот на нарачки во тие неколку часа, но исто така истакнува дека посетата била далеку поголема од очекуваната и дека не очекувале за една ноќ да биде распродадена залихата за цела година.
Инаку, првата серија на Ford Bronco, која ќе го понесе името First Edition, ќе биде произведена во 3.500 единици, а станува збор за верзија со високо ниво на опременост, а цената ќе изнесува 60.000 долари за верзијата со две врати, додека верзијата со четири врати ќе биде 4.000 долари поскапа. Нешто подоцна во текот на 2021 година се очекуваат и останатите и поевтини верзии на Ford Bronco. Но, дури и за нив американската компанија нема да прима нарачки, па така заинтересираните купувачи ќе мораат да почекаат до 2022 година за да се подноват со новиот теренец на Ford.
Според информациите на некои сајтови, околу 61 процент од лицата избрале верзија со четири врати, а најпопуларно ниво на опременост е Badlands. Ако утрото денот се познава, тогаш Bronco ќе постигне навистина голем успех.