Ford додаде хибридна технологија во понудата за Fiesta
Еден од најпродаваните автомобили од B сегментот, Ford Fiesta, сега ќе се нуди и во комбинација со благ хибриден систем
Европската дивизија на Ford се приклучи кон трендот на повеќето автомобилски компании кои во категоријата на мали автомобили веќе нудат помало или поголемо ниво на електрификација која претставува дел или целина од погонската група. Така, сега Ford Fiesta ќе се нуди и во комбинација со благ хибриден систем (MHEV) кој ќе му асистира на 1,0-литарскиот турбобензински мотор.
Влезот на Ford во електрификацијата на моделот од B сегментот со себе носи 48-волтен благ хибриден систем кој ќе се нуди во опцијата на Fiesta која се напојува со истиот 1,0-литарски трицилиндричен турбобензински мотор кој го напојува и кросовер моделот Puma со блага хибридна технологија. Ford на купувачите ќе им нуди верзија со 125 и 155 КС. Верзијата со 125 КС ќе пристигне и со седумстепен автоматски менувач.
Од Ford истакнуваат дека оваа Fiesta со послаб мотор и благ хибриден систем е 15 проценти поштедлива во однос на конвенционалната верзија. Со помоќната верзија возачот може да смета на 50 проценти повеќе вртежен момент при ниски вртежи, а пониската потрошувачка на гориво во двата случаеви е резултат на претходно претставената автоматска деактивација на работата на еден клип во околности за кои не е потребен полниот потенцијал на моторот.
Fiesta ќе добие и неколку технолошки промени исто така, со додавањето на адаптивниот cruise control кој му овозможува на возилото да одржува безбедна дистанца, како и унапредениот Sync 3 инфозабавен систем, за кој Ford истакнува дека е поинтуитивен и полесен за користење.
Неодамна потпишаниот договор со Volkswagen секако ќе му помогне на Ford околу најавениот развој на модели со електричен погон на наменската платформа на Volkswagen, a според последните планови, Ford до крајот на 2021 година на европските купувачи ќе им понуди 18 електрифицирани модели.