Ford Focus е Автомобил на годината во Македонија за 2019 година
По објавување на листата и запознавањето со автомобилите, жирито за избор на Автомобил на годината во Македонија, донесе конечна одлука, со која го круниса Ford Focus
Националното жири за избор на Автомобил на годината во Македонија годинава по 24. пат го организира изборот, а во овој избор одреди пет финалисти кои годинава рамноправно конкурираа за престижната титула. Листа на финалисти ја сочинуваа: Kia Ceed, Citroen C5 Aircross, Opel Grandland X, Ford Focus и Volvo XC40.
Победничкото возило Ford Focus доби 69 бодови од жирито, пред Citroen C5 Aircross со 67 и Kia Ceed модел што доби 66 бода. Наградата за СУВ на годината ја доби Citroen C5 Aircross. Со освоени 67 поени при гласањето, овој модел се најде на втората позиција, со што и оправдано се закити со оваа награда.
При доделувањето на наградите, жирито за избор на Автомобил на годината во Македонија, го доделува и признанието „Томислав Билјарац“ кое, оваа година оди во рацете на Стерули Бураку, сопственик Аутомобиле СК и Автонова.
Жирито по вторпат го доделува признанието, во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство, основач и прв претседател на Националното жири за Избор за автомобил на годината во Македонија, а наградата се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија.