Ford го претстави новиот F-150 Raptor
Третата генерација на Ford F-150 Raptor камионетот ја доживеа својата официјална премиера и пристигнува со далеку подобри карактеристики од претходно
Ford е добро запознаен со легендарниот статус на F-150 Raptor „преку барата“, па оттаму и големиот број подобрувања и унапредувања во однос на моделот од претходната генерација. Од лансирањето, новиот F-150 Raptor ќе биде достапен со унапреден битурбо 3,5-литарски EcoBoost V6, но она што е поинтересно е дека производителот потврди дека ќе пристигне и Raptor R модел со V8 мотор кој ќе дебитира следната година.
F-150 Raptor R ќе биде одговорот на Ford за RAM 1500 TRX кој се одликува со 702 КС и најверојатно ќе го позајми Predator V8 од Mustang Shelby GT500, но веројатно со нешто помала моќност. Ford не објави никакви детали за својот знаменосец, освен што потврди дека ќе пристигне догодина.
Кога станува збор за актуелниот пикап камионет, F-150 Raptor продолжува со агресивната тематика на претходникот одликувајќи се со стајлинг инспириран од борбените авион со цел веднаш да остави впечаток. Главните карактеристики се мускулестата хауба, црната предна решетка и новите предни светла кои теоретски се протегаат од крај до крај. Хаубата добива и нов екстрактор на топлина, кој ги комплементира функционалните странични вентилациски отвори. Истата тематика продолжува и на задната страна каде задните светла добиваат затемнет третман. Освен тоа, и предниот и задниот браник се направени од челик поради издржливост, со тоа што задниот е специјално дизајниран за висок клиренс. Ford ќе понуди и Rigid оф-роуд светла како опција и ќе бидат интегрирани во предниот браник.
Унапреден мотор и подобри оф-роуд карактеристики
Под хаубата се наоѓа ревидираната верзија на битурбо 3,5-литарскиот EcoBoost V6 мотор, во комбинација со десетстепена автоматска трансмисија. Ford не ги откри конечните бројки на моторот бидејќи „се уште не се сертифицирани“, но потврди дека тие ќе бидат релативно непроменети во споредба со претходната генерација, а тоа значи 450 КС. Секој F-150 Raptor ќе пристигне со стандардно електронско заклучување на задниот диференцијал и достапен торзионен преден диференцијал со ограничено пролизгување.
Новиот Ford F-150 Raptor исто така пристигнува и со изобилство на нова технологија. Тука се новиот Terrain Management System со седум возачки режими кои го прилагодуваат управувачот, ја стабилизираат контролата, имаат активен систем на амортизерите и ред други работи.
Нова карактеристика кај Raptor е стандардниот Trail 1-Pedal Drive, систем дизајниран за помош во екстремни оф-роуд ситуации. Системот ја поедноставува работата со нозете на возачот со комбинирање на забрзувањето и сопирањето во педалата за забрзување – со притискање автомобилот вози, со отпуштање сопира. Системот доаѓа со стандарден Trail Control, кој функционира како темпомат, но за оф-роуд возење.
Најголемите гуми досега на еден Raptor модел
Ентериерот не нуди некоја револуција во однос на стандардниот F-150 севкупен дизајн, со неколку скромни промени како што се портокаловите акценти, карбонски трим и лопатки за менување на брзини од Shelby GT500. Пред возачот се поставени дигитални инструменти, додека на централната конзола е поставен големиот екран од инфозабавниот систем и голем број на физички команди.
За прв пат досега, Ford ќе го понуди F-150 Raptor со 35 или 37-инчни гуми, најголемите пневматици за продукциски пикап камионет. Со 37-инчните гуми, возилото добива клиренс од 332 милиметри, заедно со 33,1 степени пристапен агол, максимални 24,9 степени поаѓачки агол и агол на пробивање од 24,4 степени. Ford F-150 Raptor пристигнува и со целосно нова челична рамка која е засилена на клучни места, како и со ревидирана задна суспензија. Новата генерација се одликува и со најголемите амортизери досега поставени на еден Raptor.