Ford ја претстави новата Puma
Ford го оживеа моделот Puma, кој сега доаѓа во малку поголемо пакување
По речиси две децении, американската компанија реши да го оживее моделот Puma, кој сега наместо во форма на компактно купе, доаѓа во SUV пакување. Новиот автомобил со својот впечатлив изглед и малата сличност со моделот кој го заменува, ќе се натпреварува во класата на малите SUV, каде ќе се соочи со ривалите како Peugeot 2008, Renault Captur и други.
Првото нешто што ќе би го прилече вниманието, е неговата големина. Американскиот кросовер е навистина мал, односно се чини дека е малку поголем од популарниот хечбек Fiesta. Ова е разбирливо, со оглед на тоа дека новата Puma се базира на сегашната Ford Fiesta и ги споделува основните технички компоненти на автомобилот. Задниот дел е изведен со торзиона оска за да се справи со дополнителната маса, што значи дека Puma доаѓа само со погон на предните тркала, без можност за поддршка на задно погонско вратило. Секако, се работи за кросовер, па така дизајнот на Puma се разликува од оној на Fiesta и поддржува повисока и попрактична позиција за возење.
Надворешниот дизајн задржува дел од карактеристичните линии на познатото купе, но во многу помодерна форма. Такви се високо поставените предни светла, кои како и задните, доаѓаат во LED изведба, која му обезбедува карактеристичен светлосен потпис на моделот. Изгледот на предниот дел е надополнет со голема дводелна црна решетка, која придонесува кон контроверзниот изглед на кросоверот.
Внатрешноста во поголема мера се пренесува од Fiesta, каде се издвојува 12,3 инчниот дигитален кластер, кој доаѓа како стандард во Puma. Кластерот може да биде прилагоден според потребите на возачот и е придружуван од централниот инфозабавен систем со Ford SYNC 3, кој нуди поддршка за Android Auto и Apple CarPlay.
Погонскиот агрегат кај новата Puma е достапен со два мали хибридни мотори, кои доаѓаат како комбинација со три-цилиндарската 1,0 литарска EcoBoost единица со турбокомпресор, поврзана со електричен мотор. Основниот модел располага со моќност од 123 коњски сили, а достапна е и верзија од 152 коњски сили. И двата мотори се поврзани со шест-степен рачен менувач, а се очекува Ford да понуди и автоматска опција.