fbpx

Ford најави електрична Puma и уште два ЕВ кросовери за Европа

Европскиот огранок на Ford засилено се подготвува за електричната ера, а доказ за тоа е и најавата за нови електрични возила

Ford најави проширување на својата електрична постава во Европа со додавање на три нови кросовери и четири нови комерцијални возила кои ќе пристигнат до 2024 година. Целта на европскиот огранок на „Синиот овал“ е да достигне продажба од 600.000 електрични возила на годишно ниво на Стариот континент и 2 милиони ЕВ продадени на глобално ниво до 2026. Производителот исто така има намера да достигне CO2 неутралност во Европа низ својата постава на возила, објекти, логистика и добавувачи до 2035 година.

Меѓу седумте целосно електрични патнички и комерцијални возила, кои Ford ги прикажа со тизер фотографии, се појавува и целосно електричната верзија на Puma, потоа целосно нов кросовер и спортски кросовер кој е различен од постоечкиот Mustang Mach-E. Ако се суди според претходните најави, новите два SUV електрични модели ќе бидат поставени на MEB платформата на Volkswagen.

Ford

Од Ford велат дека целосно новиот кросовер со средна големина ќе дебитира во 2022 година со опсег на движење од 500 километри. Неговото производство ќе започне во 2023 во Електрификацискиот центар на Ford во Келн, каде што ќе се произведува и новиот спортски кросовер од 2024. Спортскиот кросовер во овој случај е поголема мистерија, а не е исклучено да биде и перформансна верзија на кросоверот со средна големина. Кога станува збор пак за електричната варијанта на Puma, истата ќе се произведува во Крајова, Романија, почнувајќи од 2024, заедно со конвенционалната изведба со мотор на внатрешно согорување.

Електричните комерцијални возила пристигнуваат од 2023

Од друга страна, кога станува збор за комерцијалните возила, Ford ќе лансира електрични варијанти за новата генерација на Transit/Tourneo Custom во 2023, како и помалиот Transit/Tourneo Courier во 2024, со што ќе се прошири поставата заедно со веќе постоечкиот e-Transit.

Ford сака да произведува 1,2 милиони електрични возила низ период од шест години во фабриката во Келн, по инвестицијата вредна 2 милијарди долари. Новиот кросовер со средна големина ќе биде првиот ЕВ кој ќе излезе од Електрификацискиот центар во Келн во 2023, додека новиот погон за склопување на батерии ќе започне со функционирање во 2024.

Погонот во Крајова во Романија исто така ќе игра значителна улога во ЕВ производството.

Ford

Поврзани вести

Back to top button