Ford подготвува plug-in хибридна верзија за новиот Ranger
Американскиот производител Ford ја подготвува новата генерација на Ranger која би требало да дебитира оваа година, а истиот ќе биде достапен и во Европа како PHEV
Американскиот производител Ford ја подготвува новата генерација на Ranger која би требало да дебитира оваа година, а истиот ќе биде достапен и во Европа
Според најавите и информациите, Ford многу веројатно ќе понуди и plug-in хибридна верзија на Ranger. Шпекулациите за потенцијален хибриден Ranger постојат веќе некое време, а во своја изјава за Car Expert, портпаролот на Ford of Europe потврди дека плановите на брендот за правење на целата своја комерцијална постава на автомобили да биде нулта емисиона, а тоа го вклучува и Ranger.
Овој модел во моментов може да се нарача со богата понуда на бензински и дизел мотори, од кои најмоќниот е резервиран за Северна Америка. Станува збор за 2,3-литарскиот турбобензинец со 270 КС. Но, следниот Ranger во Европа би можел да добие уште поекстремно издание и тоа токму plug-in хибрид. Деталите околу погонот на plug-in хибридниот Ranger остануваат нејасни, но најверојатно ќе користи 2,3-литарски турбо четирицилиндерски EcoBoost бензински мотор кој ќе работи заедно со хибридниот систем. Оваа постава може да испорача до 362 КС и 680 Nm максимален вртежен момент и би можела да се најде и во хибридната варијанта на Everest, теренската изведба на овој модел кој се продава во Азија.
Ford of Europe неодамна потврди дека до средината на 2026 година, сите возила кои ќе ги продаваат ќе добијат и нулта емисиона варијанта, а тоа вклучува целосно електрично возило и plug-in хибрид. Автомобилскиот производител исто така најави дека ќе продава исклучиво електрични патнички возила во Европа до 2030 година.
Засега, останува нејасно дали пазарите надвор од Европа ќе го добијат plug-in хибридниот Ranger. Како што веќе споменавме погоре, премиерата на новата генерација на пикап камионетот се очекува оваа година.