Ford ќе произведува уште еден модел во Романија
Ford објави дека со инвестиција во износ од 200 милиони евра и вработување на нови 1.500 работници, компанијата наскоро ќе започне со производството и на втор модел во комплексот во Крајова, во Романија
Во моментов од Ford не коментираат за кој модел станува збор, што ќе се составува во Крајова, каде во моментов се одвива производството на SUV моделот EcoSport, како и на 1.0 литарскиот трицилиндерски мотор EcoBoost.
– Оваа нова инвестиција ќе развие наша гама на нови модели произведени во Европа и ќе овозможи трансформацијата на нашиот комплекс во Крајова, потенцира Стивен Армстронг, претседател и извршен директор на Ford of Europe, Middle East & Africa. – Додавањето на овој втор модел е доказ за оперативната флексибилност на нашата фабрика во Крајова и ги одразува силните партнерства кои ги имаме со локалните добавувачи и земјата воопшто.
Од Ford додаваат дека заедно со оваа инвестиција од 200 милиони евра, вкупната таква во фабриката во Крајова, по аквизицијата во 2008 година, ќе изнесува речиси 1,5 милијарди евра. Комплексот беше подложен на голема трансформација и модернизација, а еден од чекорите беше воведувањето на повеќе од 550 роботни места. Со воведувањето на новите 1.500 работни места во врска со претстојното стартување на производството на вториот модел на Ford во Романија, вкупниот број на вработените на брендот во Крајова ќе достигне околу 5.900 лица.