fbpx

Ford Puma Rally1 е нов рели хибрид наменет за WRC

Ford се подготвува за новата сезона во World Rally Championship, a за таа цел го претстави целосно новиот Puma Rally1 рели автомобил

M-Sport го претстави целосно новиот Ford Puma Rally1 автомобил за FIA WRC 2022 шампионатот кој пристигнува со електрифицирани перформанси согласно спецификациите и новите регулативи на натпреварувањето. Новиот Puma Rally1 треба да ја замени Fiesta WRC и ќе биде лансиран на Goodwood Festival of Speed во форма на развоен прототип пред да дебитира на Монте Карло релито во рамките на новата сезона во јануари 2022.

Puma Rally1

Според новите регулативи, сите WRC автомобили треба да бидат plug-in хибриди кои овозможуваат зголемена моќност и чисто електрична мобилност кога ќе се вози низ градовите и сервисирањата меѓу тркачките патеки. Покрај ова, наместо бензин, ќе се користи одржливо безфосилно гориво кое е мешавина на синтетички и биоразградливи елементи.

Во овој контекст, Puma Rally1 е опремен со истиот 1,6-литарски турбо EcoBoost мотор кој се користеше од неговите претходници, но во овој случај доаѓа во комбинација со електромотор и испорачува дополнителни 136 КС моќност до три секунди. Енергијата се складира во 3,9 kWh батерија која може да се наполни или преку регенерација за време на сопирањата или преку надворежен извор на моќ на сервисните места за само 25 минути. Plug-in хибридниот систем кој тежи 95 килограми е заштитен со обвивка со балистичка цврстина, отпорна на евентуални судири и несреќи.

Puma Rally1

Карактеристичен тркачки изглед

Од надворешната страна, Puma Rally1 добива серија модификации во споредба со продукциската варијанта. За почеток, моделот е значително пониско поставен, губејќи ја својата SUV става, а поставен е на бели тркачки тркала со повеќе краци. Агресивниот аеро пакет под камуфлажата вклучува пошироки предни и задни тркала, нова решетка, нагласен сплитер, отвор за воздух на покривот и масивно задно крило. Како резултат на ова се добива еден многу поагресивен изглед дури и од перформансниот Ford Puma ST.

„Новата ера на WRC возила е една од најголемите технолошки напредоци во WRC до денес. Претставувањето на хибридот значи дека автомобилите ќе бидат уште помоќни од претходно, а притоа директно ќе се рефлектира на погоните на нивните продукциски верзии. Промената од Fiesta на Puma e многу возбудливо, со оглед на тоа дека името веќе има свое рели наследство, автомобилот изгледа фантастично и едвај чекам да го видам на славното Монте Карло рели кон почетокот на 2022“, изјави Малколм Вилсон, поранешен рели возач и актуелен директор на M-Sport.

Поврзани вести

Back to top button