Formula 1 ја одложи и Големата награда на Канада
Трката на легендарната патека во Монтреал требаше да се вози на 14 јуни, но поради пандемијата на коронавирусот и оваа Formula 1 трка е одложена
Продолжува серијата на откажување на трки во двете најмоќни организации во автомото спортот, Formula 1 и Moto GP, а за сето тоа е виновна пандемијата на коронавирусот. Moto GP во текот на вчерашниот ден одлучија да ги откажат трките во Италија и Каталонија, а сега на истиот чекор се одлучија и раководните лица на Formula 1 кои одлучија да ја одложат трката за Големата награда на Канада. Оваа трка, која се вози на легендарната патека „Gilles Villeneuve“, беше планирана за 14 јуни, а новиот датум се уште не е одреден.
Formula 1 е во големи проблеми бидејќи сезоната не ни започна, а планирано беше да започне со на 9 март традиционално на Големата награда на Австралија, но истата е целосно откажана, исто како и трката во Монте Карло, додека шест трки се одложени (Бахреин, Виетнам, Кина, Холандија, Шпанија и Азербејџан). Моменталната цел на раководството на натпреварувањето е да се извозат 15 до 18 наместо првично предвидените 20 трки.
По одложувањето на трката во Канада значи дека првата следна трка која би можела да се одржи оваа сезона е Големата награда на Австрија која е закажана за 5 јули. По неа следува Големата награда на Британија закажана за 19 јули. Од Силверстоун веќе најавија дека за одржувањето на трката ќе одлучуваат кон крајот на април.