Geely го покажа новиот кросовер со Volvo технологија
Кинеската компанија Geely по серијата тизери објавени минатата година, ги откри првите официјални фотографии за својот нов кросовер под кодно име KX11
Geely пред десетина години стана сопственик на шведската марка Volvo, a десетина години подоцна кинеската компанија започна да ги користи на најдобар можен начин сите знаења и технологии добиени со таа аквизација. Тоа најдобро може да се види со првите официјални фотографии од новиот кросовер кој наскоро треба да пристигне, а го носи кодното име KX11.
Компанијата не открива многу детали за својот автомобил освен дека истиот ќе пристигне наскоро. KX11 се одликува со карактеристична решетка која е обвиена со препознатливи фарови кои имаат интегрирани LED дневни светла и индикатори за насока. На кросоверот се забележливи и минималистичките заштитни пластични облоги и нагласената мускулеста линија која се движи кон задниот дел на возилото. На задниот дел се наоѓа вентилирачкиот браник со стилски хромиран трим. Кросоверот исто така има и тенки задни светла, како и спојлер кој е поставен на горниот дел од вратата на багажникот. Дизајнерите навистина се потрудиле во овој случај и очигледен е напредокот во дизајнот.
Премиерата се очекува во април
Истото се однесува и на она што не е видливо на прв поглед и со голо око и што се крие под каросеријата. Новиот Geely не открива многу детали, но од претходно е потврдено дека моделот ќе биде поставен на Compact Modular Architecture (CMA) платформата на која се поставени Polestar 2, Volvo XC40 и цел асортиман на други возила од Geely и Lynk & Co.
Автомобилот треба да влезе во производство во третиот квартал од годинава и според некои најави, ќе се нуди со турбо 2,0-литарски четирицилиндерски мотор кој ќе нуди до 238 КС и 350 Nm максимален вртежен момент. Се очекува и plug-in хибридна варијанта со 1,5-литарски трицилиндерски мотор и електромотор со вкупна моќност од 258 КС и 415 Nm. Иако се уште ништо не е официјално потврдено, сите детали за моделот би можеле да бидат објавени на Салонот во Шангај во април.