fbpx

General Motors се враќа во Европа со Cadillac Lyriq

General Motors ќе го започне своето враќање на европскиот пазар како ЕВ производител со лансирањето на моделот Cadillac Lyriq

Поминаа околу шест години откако General Motors се повлече од европскиот пазар преку своите американски дивизии. Сега, американскиот производител се подготвува повторно да влезе во Европа со нова ЕВ офанзива. За да ја започне кампањата, GM објави дека ги отвора нарачките за Cadillac Lyriq во Швајцарија.

Треба да се каже и дека GM претходно се обиде да ја освои Европа преку своите странски дивизии, како што се Opel од Германија и Vauxhall од Велика Британија. Двете компании беа продадени на тогашната корпорација PSA, која денес е дел од големиот Stellantis.

Остануваат само оние специјални модели како Chevrolet Corvette и разни други модели на Cadillac, кои сè уште се достапни само преку приватни (неовластени) увозници. General Motors сака да ja надмине Tesla во наредните години, и да стане најголем производител на електрични возила во светот, со тоа што ќе треба да го симне од тронот кинескиот BYD, а Европа треба да има голема улога во тој план.

Од претходно беше познато дека на Стариот континент ќе бидат достапни различни електрични модели на брендовите Chevrolet, GMC и Cadillac, а минатиот четврток веста беше официјално потврдена. Имено, најголемиот американски производител покрај Швајцарија, каде што клиентите можат да го купат новиот Cadillac Lyriq, во следните две години ќе има претставништво во Шведска и Франција, а потоа и во уште три земји кои се уште не се познати.

Lyriq

Само една опција на почетокот

Сепак, Lyriq нема да биде „достапен“ во Европа како што е случајот во САД. Имено, неговата цена на американскиот пазар е 58.590 долари, што според курсот би требало да изнесува 55.538 швајцарски франци. Сепак, европските купувачи ќе треба да платат 82.159 франци за електричниот кросовер на премиум брендот. Со таа цена и понатаму ќе биде конкурентен во однос на останатите премиум брендови, пред се германските.

Кога станува збор за самиот модел Lyriq е поставен на Ultium платформата на GM, и има опсег на движење од 530 километри, благодарение на батеријата со капацитет од 102 kWh. Овој електричен кросовер ќе се нуди само во една конфигурација, со мотор кој развива 500 КС и 610 Nm вртежен момент, а забрзувањето од место до 100 км/ч трае 5,7 секунди. Cadillac подоцна ќе понуди поприфатлива конфигурација со 340 коњски сили и 440 Nm вртежен момент.

Lyriq

До крајот на деценијата, Cadillac ќе понуди целосно електрична линија во Европа. GM го отвори своето ново Advanced Design Studio Europe како дел од својата стратегија за повторно влегување во регионот како бренд за електрични возила.

Според информациите на Reuters, GM ќе продава електрични возила во Европа преку својата веб-страница и продавниците за малопродажба. GM ќе увезува електрични модели на Cadillac од својата фабрика Spring Hill, Тенеси, каде што производството започна минатата година.

Поврзани вести

Back to top button