Genesis го покажа освежениот G70
Првите фотографии од освежениот Genesis G70 се објавени, прикажувајќи го новиот изглед кој е во согласност со актуелниот дизајнерски јазик на брендот
Моделот G70 претставува основата на Genesis, а сега пред нас е освежената верзија која ќе се појави во продажните салони во Јужна Кореја и САД, а нешто подоцна се очекува и на европскиот пазар. Hyundai планираше да дебитира со Genesis во Европа уште кон почетокот на годинава, но премиерата беше откажана поради пандемијата на коронавирусот. Според последните информации, Genesis неодамна го ангажираше Енрике Лоренцано, некогашниот предводник на Aston Martin и Maserati, па само прашање на време е кога купувачите во Европа ќе можат да уживаат во корејскиот луксузен бренд.
Кога станува збор за освежувањето на G70, истото не е предрастично во однос на претходно, но автомобилот доби некои стилски промени. Како што се очекуваше, повеќето дизајнерски измени се во рангот на оние на лимузините G80 и G90, како и кај кросоверот GV90. Ова пред сѐ се однесува на предниот дел и поголемата решетка, која му дава идентитет на G70.
Фаровите се поделени што придонесува за поатрактивен изглед, додека промените на задниот дел се помалку драматични, но Genesis и тука направи поделба на својата светлосна групација. Комплетното осветлување е во LED формат, дури и на послабо опремените модели.
Минимални промени во ентериерот
Промените во ентериерот се речиси непостоечки, но за такво нешто нема потреба, бидејќи G70 и претходно добиваше големи пофалби за завршната обработка и самиот квалитет. За 2021 година тука е конективноста со Apple CarPlay и Android Auto, како дел од стандардната опрема, а бежичниот полнач сега е со поголеми димензии.
Тука е и новата боја за контролната табла прекриена со кожа, а на централната конзола е поставен и 10,3-инчниот екран на допир кој е нешто поголем од оној кај претходникот.
Кај моторите најголема вест е дебито на новиот 2,5-литарски турбобензинец од G80. Неговата моќност изнесува 290 КС што е за 31 КС повеќе во споредба со 2,0-литарскиот турбобензинец во моделот кој го заменува. Освежениот Genesis G70 во продажните салони пристигнува наскоро, а цената на американскиот пазар ќе изнесува околу 37.000 долари.