GFG Style ги претстави концептите Desert Raid и Bandini Dora
Италијанското дизајнерско студио GFG Style (Giorgetto и Fabrizio Giugiaro) ги прикажа двете свои концептни возила Desert Raid и Bandini Dora
GFG Style официјално ги претстави своите концептни возила. Првиот автомобил го носи целосното име GFG Style Vision 2030 Desert Raid кој го опишуваат како електричен хипер SUV во чија конструкција се употребени алуминиум и карбон. Во однос на претходниот GFG Style Vision 2030, GFG Style Vision 2030 Desert Raid има повисок клиренс кој изнесува 240 милиметри, поголем багажник, заштитни елементи, поширок траг на тркалата и нови тркала од 20 инчи.
Во веста објавена од страна на GFG се наведува дека овој електричен двосед има погон на сите четири тркала, а за напојувањето е задолжен електромоторот со 510 КС и 680 Nm, додека батеријата од 90 kWh овозможува автономија од 450 километри. Исто така, забрзувањето од нула до 100 километри на час се достигнува за 3,8 секунди, додека максималната брзина изнесува 250 километри на час.
Кога станува збор за димензиите, Desert Raid има должина од 4.770 милиметри, ширината изнесува 2.120 милиметри, висината е 1.360 милиметри, а меѓуосовинското растојание е 2.830 милиметри.
Покрај Desert Raid, GFG го претстави и GFG Stylе Bandini Dora, уште еден 100 проценти електричен спортски автомобил. Станува збор за хедонистички, отворен двосед автомобил, дизајниран за надворешно уживање инспириран од спортските автомобили произведени од Bandini во педесетите години од минатиот век. Автомобилот располага со 544 КС и 680 Nm, со батерии со капацитет од 90 kWh кои овозможуваат автономија од 450 километри. Од GFG Style студиото истакнуваат дека Bandini Dora спринтот од нула до „стотка“ го достигнува за 3,3 секунди, а максималната брзина изнесува 250 километри на час, исто како кај Desert Raid.
Кога станува збор за димензиите, GFG Style Bandini Dora е долг 4.800 милиметри, широк 2.000 милиметри, висок 1.150 милиметри, а меѓуосовинското растојание изнесува 3.000 милиметри, а автомобилот е поставен на 21-инчни тркала.