Golf е најпродаваниот Volkswagen во Европа, но не и во светот
Golf со години е бестселер на Volkswagen во Европа и тоа не е никакво изненадување, исто како што не е изненадување дека тој примат во светот го има нивниот SUV
Најбараниот Volkswagen модел на светот за изминатата 2019 година бил моделот Tiguan, кој бил продаден во дури 910.926 примероци. Тоа воедно е и најпопуларниот автомобил во рамките на целата Volkswagen групација. Откако е лансиран во 2007 година, Tiguan е продаден во повеќе од 6 милиони примероци. Овој автомобил изминатата година исто така ја понесе „титулата“ за најпродаван SUV модел во Европа и се пласираше меѓу трите најбарани SUV возила на светот.
Според некои проценки, на секои 35 секунди се произведува по еден примерок од Tiguan. За оние кои се прашуваат како овој модел успеа во тоа, одговорот е јасен. Освен се поголемата побарувачка и зголемената популарност на SUV возилата, Tiguan има и уште една предност, а тоа е неговата сеприсутност на светскиот пазар, со оглед на тоа дека се нуди во 80 проценти од земјите во светот.
Првата генерација на Tiguan беше претставена во 2007 година и издржа се до 2016 година, а од својот старт го држи статусот на најпродаван германски SUV. Моделот мина низ освежување во 2011 година, а со текот на времето доби и бројни верзии и бележеше константен раст на продажбата. Втората генерација пристигна во 2016 година и се уште е актуелна. Tiguan е поставен на MQB платформата, се нуди и во продолжена верзија, а достапни се агрегати со моќност од 115КС до 240 КС.
Интересно е дека благодарение на добрата продажба во САД и Кина, продолжениот Tiguan во светот е повеќе популарен од стандардниот модел. Од вкупниот број продадени возила, 55 проценти и припаѓаат на Allspace верзијата. Германскиот производител неодамна најави дека наскоро на купувачите ќе им го понуди редизајнираниот Tiguan од втората генерација, со голем број унапредувања во однос на актуелната верзија.