fbpx

Гордон Мареј го претстави својот суперавтомобил T.50

Гордон Мареј е најпознат по креирањето на McLaren F1, а сега тој ги следи тие стапки со духовниот наследник наречен T.50 кој чини над 3 милиони долари

Дизајниран да биде најчистиот, најлесниот и возачки најфокусираниот суперавтомобил досега, T.50 го унапредува McLaren F1 „во секој можен поглед“. Секако, тоа е мошне субјективна оценка, но автомобилот навистина ја пренесува идејата за F1 во модерната ера.

Предниот дел се карактеризира со LED светла во стилот на McLaren F1, врати и прекривачи на моторот кои се отвораат нагоре. Дизајнот на вратите се рефлектира и на стаклениот покрив, но најзабележителната карактеристика е отворот за воздух на самиот покрив кој го „храни“ со воздух атмосферскиот V12 мотор.

Исто така, забележлива е и аеродинамичната изработка на каросеријата, вентилирачкиот заден дел и големиот дифузер. Моделот исто така има 3D задни светла и 19/20-инчни тркала обложени со Michelin Pilot Sport 4 S гуми. Тркалата се поддржани со високоперформансен сопирачки систем.

Најкарактеристичен дел од автомобилот е задниот вентилатор кој изгледа како нешто што може да се најде на некој „Batmobile“. Овој вентилатор е уникатен додаток и од Gordon Murray Automotive велат дека помага во намалувањето на воздушниот отпор за 12,5 проценти. Истиот додава отприлика 50 КС во моќноста на автомобилот. Но тоа не е се. Имено, вентилаторот ја намалува и сопирачката дистанца и го зголемува аеродинамичниот потисок до 100 проценти во Braking Mode.

Кога станува збор за аеродинамиката, автомобилот има динамични задни спојлери и активни underbody панели. Исто така, има и шест аеро режими познати како Auto, High Downforce, Streamline, Braking, Test и V-Max Boost. Последниот е дизајниран за максимални перформанси и ја зголемува вкупната моќност на автомобилот до 700 КС.

T.50

Исто како и F1, така и T.50 има централно поставено возачко седиште кое е обиколено со патничко седиште на двете страни. За да се прилагоди на распоредот, автомобилот ја избегнува традиционалната централна конзола и користи „лебдечка“ рака од десната страна на возачот. Таму е поставен титаниумскиот менувач и контролите од инфозабавниот систем.

Автомобилот се карактеризира и со екраните на ретровизорите со видео камера и лесните педали. Моделот исто така има и аудио систем со 10 звучници и компатибилност со Android Auto и Apple CarPlay.

Со оглед на тоа дека T.50 е „ѕверка“ по мерка, секој клиент ќе има можност да разговара за својот автомобил лично со Гордон Мареј и да го персонализира. Компанијата вели дека овој процес вклучува и „соодветна сесија“ каде што ќе се осигураат дека возачкото седиште, управувачот и педалите се „ергономски совршени и индивидуализирани за секој заинтересиран купувач“.

Инаку, автомобилот е напојуван од 3,9-литарски атмосферски V12 мотор направен по мерка од страна на Cosworth. Тој испорачува 663 КС и 467 Nm максимален вртежен момент, а моќноста се испорачува благодарение на шестстепениот мануелен менувач. Моторот е дизајниран за да биде „најбрзо респонзивниот, најмоќниот и најлесниот патнички V12 мотор“. Истиот може да достигне до 12.100 вртежи во минута, а од мирување до „црвената зона“ може да стигне за само 0,3 секунди.

T.50

Како и се останато на T.50, така и менувачот е дизајниран да биде исклучително лесен. Како резултат на тоа, има алуминиумска кутија која е само 2,4 милиметри дебела. За жал, компанијата не ја открива максималната брзина на автомобилот, ниту пак „спринтерската“ способност од 0 до „стотка“. Сепак, Gordon Murray Automotive истакнуваат дека со својот автомобил „не бркаат цифри за максимална брзина“.

Фокусот кај T.50 е ставен на тежината. Автомобилот има карбонски монокок кој ветува исклучителна крутост и торзионална цврстина. Исто така е екстремно лесна со оглед на тоа дека целата каросерија, вклучително и монокок шасијата тежи помалку од 150 килограми. Ова, комбинирани со остатокот од автомобилот, овозможува вкупната тежина да изнесува 986 килограми.

T.50 ќе биде лансиран во јануари 2022 година, а неговата цена ќе изнесува 2,62 милиони евра без даноци. Производството е ограничено на 100 примероци и ќе има сервисна мрежа поставена во Абу Даби, Јапонија, САД и Велика Британија. Исто така, ќе има и таканаречен „летечки техничар“ кој ќе ги поддржува автомобилите на овие и на друг пазари.

„Само 100 клиенти ќе ја споделат мојата визија, автомобил креиран да ја унапреди F1 формулата во секој можен поглед. Со 30 години технолошки и системски напредок, сега е вистинското време да се дизајнира најдобриот аналоген автомобил. Верувам дека ниту една друга компанија не може да го испорача она што ние ќе го донесеме на пазарот во 2022 година“, изјави Гордон Мареј.

Поврзани вести

Back to top button