Gordon Murray со специјална Niki Lauda верзија на T.50
Gordon Murray Automotive го претстави својот T.50s Niki Lauda кој е екстремна, тркачка варијанта на T.50 хиперавтомобилот која доаѓа во ограничена серија
Уште поекстремната варијанта на хиперавтомобилот T.50, која е именувана по легендарниот трикратен F1 шампион и е претставена на неговиот роденден е дизајнирана да нуди бескомпромисно искуство. T.50s Niki Lauda е развиван паралелно со „патничката“ верзија на хиперавтомобилот и ќе биде произведена во само 25 примероци, откако 100-те примероци на T.50 ќе бидат произведени во јануари 2023.
Новиот Gordon Murray Automotive T.50s Niki Lauda тежи само 852 килограми, што е 134 килограми помалку од „обичниот“ T.50 и пристигнува со помоќна верзија на 3,9-литарскиот V12 мотор кој сега испорачува 725 КС (71 КС повеќе од претходно) и може да достигне до 12.100 вртежи во минута. Овој монструозен мотор се напојува преку RAM индуктивна кутија поставена на покривот и присртигнува со специјален издувен систем со потенки Inconel ѕидови, се карактеризира со целосно ревидирани глави на цилиндрите и брегасти вратила и пристигнува со ново-дизајниран X-Trac шестстепен менувач со лопатки на управувачот.
„Според мене, не може да биде подобро од ова и претставува возење во своја најчиста форма. T.50s Niki Lauda ќе понуди една врска меѓу возачот, автомобилот и патеката на начин кој не е доживеан досега“, изјави Гордон Мареј.
„Можам само да го замислам возењето на омилената патека, седејќи во средината со V12 мотор како ‘вреска’ зад мене – возачкото искуство ќе биде нешто специјално. Соодносот на моќност и тежина е подобар и од оној на LMP1 автомобил, а исто така ќе биде неверојатно брз, а со така мала тежина, ќе може да ја менува насоката како F1 болид“, додаде Мареј.
Најексклузивен тркачки автомобил на планетата
Сите панели на екстериерот се уникатни за тркачкиот T.50 Niki Lauda и се направи од ултра лесен карбон, додека за стаклените површини се користи полесна облога која се наоѓа кај „патничката“ верзија. Амортизерите и анти-рол барот се унапредени за ултимативни тркачки перформанси, додека самиот автомобил е спуштен на 87 милиметри напред, односно 116 милиметри позади.
Џиновскиот пропелер кој го имаше на моделот кој може да се користи и на патиштата, е задржан и тука, само што сега пристигнува и многу поголем заден дифузер и нов голем спојлер. Gordon Murray Automotive тврди дека новиот T.50s е способен да произведе до 1.500 килограми потисна сила.
Кабината на новиот T.50s Niki Lauda се одликува со централно поставена возачка позиција, а возачот се наоѓа на тркачка карбонска „кадица“. Новиот T.50s е двосед, а совозачкото седиште е поставено лево од возачот.
Секој од 25-те сопственици на новиот GMA T.50s Niki Lauda ќе добие и специјална и персонализирана услуга. Како додаток, секој примерок од од тркачкиот автомобил ќе пристигне со Trakspeed Package кој вклучува инженерска поддршка и цела опрема која е потребна за да се користи еден ваков автомобил на патеката, вклучително и цел сет на пит алати и опрема за надополнување на гориво.
Цената стартува од 3,1 милион фунти, а GMA T.50s Niki Lauda ќе биде еден од најексклузивните тркачки автомобили на планетата.